Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе ја продолжи расправата за предлог-буџетот за 2026 година
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе ја продолжи седницата за предлог-буџетот за 2026 година. Вкупните приходи во предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
„Ова не е само уште еден документ со бројки и табели, ова е економска порака за стабилност, доверба и развој, како и јасен доказ за одговорното управување со јавните финансии што го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет“, рече во петокот министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која пред матичната собраниска Комисија го образложи предлог-буџетот за 2026 година.
Како што напомена Димитриеска-Кочоска, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и странските инвестиции.
Со Предлог-буџетот за 2026 година, дополни, Владата ја задржува конзистентноста во економските политики и континуитетот со Фискалната стратегија 2026–2030 година.
„Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски, дури и во време на предизвици. Овој документ зборува за економија што расте, за држава што инвестира и за Влада што знае што прави“, потенцира министерката.
Според неа, најважно за оваа Влада е тоа што не зборува многу, туку испорачува.
„Ветивме постепена фискална консолидација, како пред граѓаните така и пред меѓународните финансиски институции и остануваме на ветеното“, подвлече Димитриеска – Кочоска.
Според информациите објавени на веб страницата на Собранието, за предлог-буџетот се поднесени над 100 амандмани, а пленарната седница на која ќе се разгледува предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.

