ПравдаСветот на работникот

Тренчевска: Не вршиме никакви притисоци врз вработените во градинките, се држиме стриктно кон Законот и Колективниот договор

Не се работи ниту за притисок, ниту за било каква уцена, туку се работи за почитување на Законот и Колективниот договор, рече Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со кратењето на дневниците на штрајкувачите во детските градинки.

Во Колективниот договор во делот на градинките, којшто е надлежност на Министерот за труд и социјална политика, убаво е дефинирано, што во случај на штрајк и за што е должен работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи, каде што се вели дека во услови на штрајк, работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат, на најниска основица на исплата на придонесите. Следниот член, 241, дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници коишто штрајкувале, рече Тренчевска. 

Министерката истакна дека се работи само за почитување на Закон и Колективен договор, а не за било какви притисоци или уцени од страна на Министерството врз вработените коишто штрајкуваат.

На прашањето зошто Владата не може да обезбеди 18,4 % колку што бара СОНК, Тренчевска рече дека Владата во текот на дијалогот го понудила решението коешто е најсоодветно во однос на буџетот со којшто располага, земајќи ги во предвид инфлаторните проблеми коишто би можеле да настанат при поголемо зголемување.

Во рамките на дијалогот којшто се водеше со претставниците на СОНК, Владата го даде решението 10 % покачување на платите во образованието и детските градинки, отворање на процесот на подготовка на нов Општ Колективен договор за јавниот сектор, во којшто ќе се вклучи нова методологија којашто ќе значи постојан раст на платите во јавниот сектор, а тоа значи платите на годишно ниво да бидат усогласувани со порастот на трошоците за живот и порастот на просечната плата, истакна Тренчевска. 

Таа порача дека СОНК би требало да направи отстапка и да ги прифати понудените 10 %, бидејќи во преговорите сите вклучени страни треба да попуштат во нивните барања.

Нагласи дека секое нејзино отстапување од законските прописи значи и злоупотреба на службена должност, за што би можела кривично да одговара.

Тренчевска рече дека 29 градинки во државата работата, а во останатите децата се згрижуваат, притоа одредени простории се затворени поради штрајкот.

Имено, денеска Советот на СОНК ќе расправа за тоа кои чекори ќе се преземат понатаму, па останува да се види што ќе се случува следниот период.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk