ФБ статус на Јовевски: Мерките кои се промовираат како „мерки за спас на стопанството“ веќе трета година не даваат резултати
МАКЕДОНСКА МЕРА- MACEDONIKUM ADMODUM
Тема: Неисплатени плати
Во месец јуни, 7865 работодавачи не исплатиле плати на своите работници, додека во јули платите не ги исплатиле 14983 работодавачи (според податоци од УЈП).
Зошто се случува ова?
Бидејќи фирмите немаат пари- не можат да опстојат со финансиските оптоварувања кои им се на „грб“ веќе три години. Претходно многу пати пишував дека сме во ризик како држава да ни се случи пропаѓање на фирмите поради несоодветна и ненавремена поддршка од страна на Владата, како и несоодветни контроли при користењето на средства за поддршка, со оглед на тоа што претходно се случи државни пари наменети за работниците да останат во раце на работодавачите. Со растот на цените на енергенсите за очекување е дека ќе има многу посериозни проблеми.
Мерките кои се промовираат како „мерки за спас на стопанството“ веќе трета година по ред не даваат резултат. Го туркаат нашето стопанство во бездна на неликвидност. Овие бројки се загрижувачки, а работодавачите сè уште молат за помош од Владата, предложуваат мерки, но не им се земаат предвид.
Работниците се последни во оваа неправда, бидејќи не ги добиваат и онака малите плати, а имаат тековни трошоци кои мораат да ги покријат. Работниците се турнати во длабока сиромаштија, иако никој не сака да признае јавно дека тоа е така! Ако сметате дека не сум во право, ајде направете едноставна пресметка: дали работник кој има минимална, па дури и просечна плата, може три месеци да живее со износ од 18 000 или 31869 денари (според податоци на Државниот завод за статистика- просечна нето плата по вработен исплатена во месец јуни 2022 година- ако ви личи висок овој износ, имајте предвид дека ниските плати не биле воопшто исплатени, така што не влегуваат во пресметката за да ја намалат бројката).
Итно треба да се консолидираат политиките и мерките кои го засегнуваат македонското стопанство и да се креираат по МАКЕДОНСКА МЕРА за да одговорат на МАКЕДОНСКИТЕ ПОТРЕБИ!
Македонските работници заслужуваат достоинствен живот! Македонското стопанство заслужува достоинствени услови за конкурентно и профитабилно работење! Нашите фирми имаат квалитетни производи кои се навистина ценети и на пазарите надвор од Македонија, но тој квалитет го создаваат македонските работници кои се компетентни и вредни!!!
Проф. д-р Лазар Јовевски

