Правда

Царовска на Преспа Форум за Дијалог: Веруваме во младите, тие се наш клучен партнер во креирањето на државните политики

Актуелната владина гарнитура целосно верува во потенцијалот на младите и токму затоа ги вклучуваме во креирањето на сите политики во државата. Едноставно знаењето е кај нив, исто како и креативноста, иновативноста и енергијата. Упорноста и истрајноста се нивни одлики и затоа се дел од раководствата во сите институции на системот и се предводници на промените кои се случуваат и ќе се случуваат во периодот пред нас.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во своето обраќање форумот посветен на младите во рамки на неколкудневниот регионален настан „Преспа Форум за Дијалог“ кој од вчера се одржува во Охрид и Преспа, во организација на македонското Министерството за надворешни работи, а чија цел јакнење на регионот и негова целосна интеграција во европското семејство.  .

„Младите го отворија патот кон ЕУ и токму поради тоа се трудиме дополнително да го зголемиме нивниот потенцијал, преку обезбедување на добри образовни можности за нив, јакнење на ученичкиот и студентскиот стандард, обезбедување на нови можности за наука и истражувања, финансиска поддршка за реализација на нивните иновативни идеи и отворање на интересни и добро платени работни места за стимулација на нивниот труд“, рече Царовска.

Министерката нагласи дека очекува новите генерации да бидат уште подобро подготвени да ги штитат интересите на државата и да се грижат и придонесуваат за нејзиниот напредок, затоа што, како што рече токму во моментов преку крупни промени државата гради образовен систем кој ќе одговара на нивните потреби и ќе ги спрема и опремува со вештини со кои ќе можат да се справат со предизвиците на новото време кое ги очекува.

„Една од вредностите на кои ги учиме младите во нашата земја, а која особено доаѓа до израз во последните неколку години кога постигнавме значајни успеси на домашен и меѓународен план е дека само преку нивно единство во границите на својата земја, но и преку активизам, градење на пријателства и партнерства со младите од соседството, од регионот и воопшто светот,  можат да ги постигнуваат личните цели и постојано да поставуваат уште повисоки, а со тоа и да помагаат на државата да оди напред“, истакна Царовска, додавајќи дека возрасните треба да им помагаат преку организирање на вакви форуми и преку сите други начини, канали, средства и алатки кои се на располагање, за повеќе и побрзо меѓусебно да се конектираат.

„Така ќе придонесеме и побрзо да созреат и успешно да ги превземат улогите кои ние сега ги извршуваме и да ги надминат позитивните резултати и успеси кои ги постигнавме“, рече министерката.

На форумот, покрај министерката Царовска, учествуваа и амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, ЕУ амбасадорот Дејвид Гир, министерката за образование на Р. Албанија Евис Куши, пратеникот Дарко Каевски, поранешниот министер за образование и пратеник Арбер Адеми и други претставници.