Вести

Шаќири: Северна Македонија иницира регионална соработка за градење на генерации со потребни вештини за идните работни места

Денес и утре во Скопје се одржува конференција „Вештини за идни работни места“ во организација на Министерството за образование и наука и Стопанската комора на Северна Македонија, со поддршка на проектот „Образование за вработување – Е4Е“ финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а чија цел е основање на платформа на експерти, кои ќе разменуваат искуства и ќе им помагаат на земјите од регионот во намерите за синхронизација на образованието со пазарот на трудот.

На конференцијата се обрати министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој посакувајќи им добредојде на учесниците од земјата и регионот, рече дека оваа иницијатива на Северна Македонија е суштински важна одделно за секоја национална економија, но и заеднички за целиот Западен Балкан.

„Реализацијата на оваа идеја, значително ќе придонесе кон градењето на нови квалитетни генерации, опремени со потребните вештини за да одговорат на предизвиците на новите работни места кои ќе се создадат по 10 години од сега. Можеби делува дека има време, но земјите со визија за добра иднина преземаат чекори сега и веднаш“, рече Шаќири, додавајќи дека Северна Македонија веќе спроведува крупни реформи во образовниот систем, кој како што рече е најважната алка во севкупниот државен механизам на функционирање, затоа што таму се создава клучниот фактор за тоа – човечкиот капитал.

Информираше дека промените во основното образование, предвидоа нови учебници, наставни програми и дигитализација со кои наставата стана повеќе интерактивна и креативна, додека во делот на средното образование е ставен на стручното образование и обука.

„Го воведовме концептот на дуално образование кој е широко прифатен од сите општествени чинители и за само година и половина од 11 дуални паралелки, стигнавме до 97 дуални паралелки, а од идната учебна 2022/2023 година отвораме 220 дуални паралелки. Значително е зголемен бројот на компании кои се дел од дуалните паралелки и каде учениците може да се обучуваат за реалниот свет на производството, услугите, и сите други сфери кои може да се научат само преку практична обука во компанија. И бројот на ученици кои одбираат средно стручно образование постојано се зголемува затоа што како министерство веќе втора година директно и на локално ниво ги промовираме стручните училишта и можностите на дуалните паралелки, со поддршка од нашиот најголем сојузник Швајцарија“, истакна Шаќири.

Министерот рече дека државата ја постигнува целта затоа што спроведува ефективна образовна политика, усогласена со политиките за отворање на работни места и институциите ќе продолжат со нејзино спроведување и надградување.

„Заминувањето на младите е навистина голема загуба за секое општество. Но од друга страна, кога младите стекнуваат стручни вештини кои се барани од приватниот сектор, многу полесно и побрзо младите ќе најдат пристојни работни места. Сепак, ова може да се постигне само преку силно вклучување на приватниот сектор во образованието“ потенцираше амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Вероник Улман.

Швајцарската агенција за развој и соработка изминатите години интензивно соработува со јавниот и приватниот сектор за унапредување на стручното образование и обука, и особено помага во воведувањето на практичната обука на ученици во компании, преку социјалниот дијалог – Учи паметно работи стручно.

„Значајно е да се потенцира дека СКСМ е системски чинител кој ги поврзува и обединува бизнисите од една страна и државата од друга. Јавните овластувања што и се делегирани од државата во ситуација на коморски плурализам само ја потврдуваат професионалноста и важноста на Комората во целиот образовен систем и во развојот и имплементацијата на концептот за учење преку работа и дуално образование, изјави Антони Пешев, извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија која е исто така еден од организаторите на настанот.

Според Пешев промените на состојбата на глобален план влијаеја и на промените на работните места во индустријата и на потребите за вештини на работниот кадар во секторот. Разбирањето на барањата за нови вештини е од клучно значење за справување со предизвиците во побарувачката за вештини.

„Соработката што ја остваруваме со швајцарската агенција за соработка и развој беше во многу клучен момент, бидејќи многу инвеститори веќе беа присутни овде и се соочуваа со истите прашања за квалификуван стручен кадар. Проектот Образование за Вработување – Е4Е@мк поттикна многу реформи за создавање на пазарно ориентирано стручно образование. Во изминатите 4 години направивме многу работи кои не само што го подобрија стручното образование и развојот на вештини, туку ги направија и поатрактивни и придонесоа кон подигнување на свеста кај клучните чинители“, истакна извршниот директор на Стопанската комора.

На конференцијата учествуваат 100тина претставници од владини институции, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество од Северна Македонија и регионот на Западен Балкан, како и од Швајцарија и ЕУ. Денес и утре ќе бидат презентирани најновите наоди од истражувања и ќе споделат практични искуства за тоа како да се поврзат вештините со идните работни места.