Светот на работникот

Швајцарско истражување: Начинот на кој куцаме на компјутер може да го открие нивото на стрес

Начинот на кој луѓето куцаат и го користат компјутерското глувче може да биде подобар индикатор за стрес од мерење на отчукувањата на срцето, соопштиле швајцарските истражувачи, изразувајќи сигурност дека нивниот модел може да овозможи помош во спречувањето на хроничниот стрес.

„Начинот на кој куцаме на тастурата и го движиме глувчето изгледа дека е подобар индикатор за нивото на стрес од отчукувањето на срцето во работната средина“, рекла математичарката и авторка на студијата Мара Нажлен (Nagelin).

Истражувачите од Швајцарскиот институт за технологија во Цирих (ЕТХЗ) набљудувале 90 учесници во лабораторија кои ивршувале канцеларски задачи, како што се закажување на состанок или снимање и анализа на податоците.

Научниците набљудувале како учесниците ракуваат со глувчето и куцаат, како и нивниот број на отчукувања на срцето, и редовно ги прашувале колку се под стрес.

Додека на некои учесници им било дозволено да работат без пречки, половина од групата повеќе пати биле прекинувани од пораки на чет или повик за учество на некој состанок.

Истражувачите откриле дека луѓето кои се под стрес куцаат и го движат глувчето на поинаков начин од опуштените луѓе.

Луѓето под стрес често и помалку прецизно го движат глувчето, рекла авторката од студијата.

Исто така, истражувачите откриле дека луѓето кои се чувствуваат под стрес во канцеларија прават повеќе грешки при куцањето и имаат тенденција да пишуваат нагло и брзо, со многу кратки паузи.

Отпуштените луѓе, од друга страна, прават помалку паузи, но тие се долги, кога пишуваат на своите компјутери.

Врската помеѓу стресот и употребата на тастатурата и глувчето може да се објасни со т.н. теорија на невромоторни способности.

„Зголеменото ниво на стрес негативно влијае врз способноста на нашиот мозок да ги обработува информациите. Исто така, влијае и на моторичките способности“, објаснила Јасмин Кер, психолог и коавторка на студијата.

Истражувачите сметаат дека постои итна потреба да се пронајдат сигурни начини за откривање на зголемениот стрес, истакнувајќи дека секој трет вработен во Швајцарија пати од стрес на работа.

„Оние кои често се погодени не сфаќаат дека нивните физички и ментални ресурси се намалуваат се додека не биде предоцна“, се наведува во студијата.

Научниците додале дека сакаат да им помогнат на работниците брзо да го идентификуваат стресот, а не да креираат алатки за надзор на нивното работење.

 

Vijesti/Beta