КолумниСветот на работникот

Штрајковите не ги сфаќаат сериозно се додека не се одржат

Колумна на Бобан Илијевски

Не знам кој му кажал на нашиот ни Вицепремиер за економски прашања дека вработените во УЈП нема да влезат во штрајк. Мислам дека самиот себеси се лаже оти сите три синдикати во институцијата се согласни околу барањето за 30 % поголема плата. Всушност, нефункционирањето на системот, носењето на законски измени за 72 часа работа и слични (не)политики се едни од најголемите стимулатори на обединувањето на сите синдикати, не само на ниво на работодавач, туку и на национално ниво.

Дополнителен стимуланс за нивното обединување е понудата од Владата платите на вработените во јавниот сектор до 2028 година да пораснат за само 7,500 денари, додека нивните со одлуката на Уставниот суд скокнаа за 78 %, на над 100,000 денари.

И СОНК кога најавуваше штрајкови, истите најави не ги сфаќаа сериозно, па откако ќе влезеше во штрајк, ќе започнеа со добропознатата „Леле мајко, што направивме“.

Затоа мислам дека е паметно да се излезе во пресрет на барањата на вработените во УЈП, оти ако влезат во штрајк, работниците кои и онака имаат ниски плати, нема да можат да ги земат ниту нив. Тука е и штетата која ќе биде нанесена врз бизнис секторот и тоа не по вина на вработените во УЈП, туку по вина на оние кои не сакаат да им излезат во пресрет.

И да не заборавам, правото на штрајк е уставно загарантирано право, а е предвидено и во Законот за работните односи, така што вработените, кога веќе нема да можат преку преговори да го добијат она што им следува, го имаат секое право да влезат во генерален штрајк.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk