ПравдаСветот на работникот

15 дена забрана за работа за работодавачите кои ќе го прекршат Законот за недела како неработен ден

Бобан Илијевски 

Законското решение за недела како неработен ден проектирано е да започне со примена од 1 октомври оваа година

Денеска на седницата на Владата се утврди текстот на Измените на Законот за работни односи и Законот за трговски друштав со кои недела се прогласува за ден на неделен одмор и овие законски измени ќе бидат испратени на усвојување во Собранието, рече на денешната прес – конференција премиерот Зоран Заев.

„Тоа е ветување што Владата го стави како приоритет во својата програма и откако ги завршивме сите консултации и анализи во еден исклучително инклузивен процес, со синдикатите и работодавачите, го утврдивме усогласеното законско решение“, рече Заев.

Тој посочи дека Владата проектира примената на ова законско решение да започне од 1 октомври оваа година, истакнувајќи дека недела станува ден на неделен одмор и со тоа се прави исчекор кон унапредувањето на работничките права и социјалната правда и дека Владата ја продолжува грижата и поддршката за работниците, како приоритет на владината коалиција.

„Во фокусот на нашето внимание, во процесот на измени на Законот за работни односи и Законот за трговски друштва, со кои недела станува ден на неделен одмор, беше значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот, како неопходен елемент во живото на работничката и работникот“, рече Заев.

Тој потенцираше дека оваа рамнотежа ќе придонесе работниците да бидат поефикасни и мотивирани на работното место, а од друга страна да имаат и приватен живот кој ќе ги задоволи нивните потреби, како и потребите на нивните блиски.

Подвлече дека грижата за благосостојбата и мотивацијата на работниците е вградена во предложените законски решенија и истите ќе бидат поттик за поквалитетно време за индивидуални потреби, за унапредување и јакнење на односите во семејството, партнерските заедници и меѓу пријателите.

Она на што посебно било посветено вниманието на законските решенија, рече Заев, била грижата со Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, да се елиминираат можните злоупотреби во однос на користењето на ова право.

„Посебна грижа во дизајнирањето на Предлог Законот се водеше за работниците во секторите кај кои не е можен прекин на техничко – технолошкиот процес. На овие работниците, на кои секако ќе им следува дополнителен додаток за плата заради работа во недела, ќе им се обезбеди опција да добијат слободен ден во друг ден во неделата, во договор со работодавачот“, рече Заев.

Тој изрази посебна благодарност до работодавачите и стопанските комори, како и до синдикатите кои покажале високо ниво за разбирање на потребата од усогласување на разликите, во интерес на работниците.

Заев рече дека за оние работодавачи кои нема да го почитуваат оваа право ќе следуваат санкции во вид на забрана на вршење на дејноста или прекршечен платен налог.

„15 дена забрана за работа за работодавачите кои ќе го прекршат законот. Ако го повторат прекршувањето 30 дена“

Унапредувањето на работничките права е врвен приоритет за Министерството за труд и социјална политика и за Владата на Р. Македонија. Предлог измените на Законот за работни односи со кои се дефинира Недела ден на неделен одмор претставува врвна придобивка во тој правец, рече Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

„Ова е еден од предусловите за генерирање на задоволството кај работниците, што понатаму обезбедува нивна поголема продуктивност. Ова законско решение значи воспоставување на рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот на работниците. Уште е позначајно што законското решение е изработено со учество на сите партнери во социјалниот дијалог, синдикатите и работодавачите“, рече Шахпаска.

Законот предвидува недела да биде ден на неделен одмор за сите работници, рече Шахпаска, освен за дел на работниците каде работниот процес не може да биде прекинат, посочувајќи дека заедно со социјалните партнери јасно ги дефинирале исклучоците во кои дел од работниците ќе работат, но и за овие работници ова законско решение значи унапредување на работничките права.

Посочи дека овие работници за работа во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50 % од редовната дневница. Дополнително ќе добијат и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена.

Имплементацијата на Законот ќе биде контролирана од страна на Државниот инспекторат за труд, а оние работодавачи коишто ќе го прекршат ова право ќе биде забрането да вршат дејност во рок од 15 дена и ќе им биде издаден прекршочен платен налог. Доколку повторно го прекршат законот, ќе им се изрече забрана за работа во траење од 30 дена.

Секој работодавач којшто ќе работи во недела е обврзан тоа да го пријави во Државниот Инспекторат за труд.

100 % поголема дневница за вработените во трговијата, 50 % за останатите работници

Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека вработените во трговските дејности ќе добијат 100 % поголема дневница за работа во Недела, и еден слободен ден во неделата, посочувајќи дека со измените на законското решение за трговска дејност се елиминира можноста од злоупотреба на ова право.   

Како што рече, со предлог Законот за трговска дејност, во недела ќе работат работниците кои работат во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност. Ќе работат и работниците во продавниците во рамките на бензинските станици, каде се врши трговија на мало, претежно со храна, пијалаци и тутун; вработените во продавниците, киосците и штандовите во трговските центри, и тоа може да работат само една смена, од 10 до 18 часот; штандовите и киосците каде што се продаваат производи за време на спортски настани, фестивали, манифестации, саеми и за време на проекција на кинематографски дела; продавници за трговија на мало со храна, пијалаци и тутун, во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата, како и на зелените пазари.

Фото: Freepik