СветСветот на работникот

Додека трае топлотниот бран: Земјоделците низ Европа се соочуваат со огромни проблеми

Екстремните горештини, сушата, високите цени на вештачките ѓубрива и поскапото гориво дополнително го отежнуваат работењето на земјоделците низ Европа. Европската унија најавува финансиска помош, но производителите предупредуваат дека мерките пристигнуваат предоцна.

Големите горештини и сушата предизвикуваат сериозни проблеми за земјоделците ширум Европа. Во исто време, последните години значително поскапеа и вештачките ѓубрива. Денес азотните ѓубрива се за околу 70 проценти поскапи отколку пред две години, додека Европската унија усвои план за поддршка на земјоделскиот сектор.

Во мај годинава следуваше ново поскапување на вештачките ѓубрива од 30 до 40 проценти, како последица на кризата поврзана со Иран и дополнителните европски царини за руските ѓубрива. Покрај тоа, дополнително пораснаа и цените на горивата.

„Тешко е, бидејќи денес вештачките ѓубрива се едноставно прескапи. И дизелот е скап. Речиси и да нема заработка, сè е поскапено“, вели Јохан Грил, земјоделец од Плининг, во близина на Минхен.

Баварските земјоделци не се исклучок – кризата ги погодува исто како и нивните колеги низ цела Германија. Грил целиот работен век го поминал превезувајќи млеко од производителите, а и денес работи заедно со својот син. Иако располагаат со современа механизација, тој нагласува дека без дополнителни приходи тешко би опстанале.

„Живееме главно од мојата добра пензија. Од компирот и пченката не би можеле многу да заработиме ако синот не беше дополнително вработен“, додава тој.

Според него, состојбата е особено тешка за сточарите.

„Ако имате големо стадо крави, цената на млекото повторно е многу ниска. Минатата година родот на компирот беше одличен, но цената не беше добра“, истакнува Грил.

Слична е ситуацијата и во Франција, каде што земјоделците често протестираат со трактори пред Европскиот парламент во Стразбур.

Од европратениците и Европската комисија бараат итни мерки и финансиска поддршка. На протестите им се придружуваат и земјоделци од Германија, Австрија, Португалија и други земји, кои предупредуваат дека помошта е потребна додека кризата трае, а не кога веќе ќе ги уништи земјоделските стопанства.

„Во моментов атмосферата е навистина мрачна. Секое земјоделско стопанство се бори само да преживее и да остане барем на позитивна нула. Никој повеќе не размислува за профит“, изјави Оливер Дингер, земјоделец од Емендинген.

На транспарентите на демонстрантите стои пораката: „Кризата со вештачките ѓубрива е прехранбена криза“, поставена над фотографија на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Европската комисија најави план за обезбедување сигурно снабдување со ѓубрива, кој предвидува намалување на административните процедури и контролите, како и околу 45 милијарди евра поддршка за земјоделците во наредните години. Целта е да се обезбеди стабилно снабдување со храна и во услови на кризи.

Сепак, земјоделците во Баварија сметаат дека мерките се спроведуваат премногу бавно. По поскапувањето на енергенсите и ѓубривата, многу земјоделски стопанства работат со минимална добивка или на работ на исплатливоста.

Експертите предупредуваат дека сегашната состојба претставува своевидна „темпирана бомба“ која порано или подоцна ќе се одрази и врз потрошувачите, преку повисоки цени на храната во супермаркетите.

Извор: Bankar.me