Занимливости

Древна тајна од Тоскана ја менува историјата на виното: Научниците открија дека регионот Кјанти некогаш бил познат по бело грозје

ДНК извлечена од семки од грозје стари околу 2.000 години, пронајдени во древни бунари во Тоскана, им овозможи на научниците да ја создадат најобемната генетска историја на виновата лоза досега реконструирана на едно археолошко наоѓалиште.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека лозјата од римскиот период биле дел од софистицирана земјоделска мрежа на Римското Царство, која можеби имала значајно влијание врз развојот на современото винарство.

Истражувањето, предводено од научници од Универзитетот на Јорк, откри дека на локалитет во областа Кјанти, денес светски позната по црвените вина од сортата санџовезе, во минатото доминирало белото грозје.

Откритието е направено на археолошкиот локалитет Цетамура дел Кјанти, сместен на врв на рид во Тоскана. Областа прво била населена од Етрурците, потоа од Римјаните, а подоцна и од средновековни жители. Луѓето кои живееле таму меѓу 300 година п.н.е. и 300 година н.е. ги фрлале семките од грозје во длабоки бунари, каде што тие останале зачувани во кал без присуство на кислород.

„Секвенциониравме ДНК од 80 семки и откривме извонредна приказна за континуитет“, изјави д-р Оја Инанли, коавтор на студијата од Универзитетот во Јорк.

Според неа, огромното мнозинство од анализираните семки припаѓале на една иста сорта која директно се пренесувала од етрурскиот во римскиот период и опстојувала со векови.

„Со генетските анализи отидовме чекор понатаму и успеавме да ја утврдиме и бојата на древното грозје. Генетските маркери покажаа дека оваа доминантна и долговечна сорта давала бели зрна“, додаде таа.

Доминацијата на белото грозје претставувала изненадување за истражувачите.

Ненси де Грумонд, професорка на Државниот Универзитет во Флорида, кој од 1973 година спроведува археолошки истражувања на локалитетот Цетамура дел Кјанти, истакна дека откритието додава ново и значајно поглавје во историјата на виното во регионот Кјанти.

„Прекрасно изненадување е сознанието дека на денешното светски познато црвено вино му претходело бело вино кое со векови било одгледувано и негувано во етрурскиот и римскиот период“, рече таа.

Студијата покажува дека по римското освојување на населбата во Цетамура се појавиле нови сорти грозје, што може да укажува дека лозите биле донесени од други делови на Римското Царство.

Генетските анализи исто така откриле дека доминантната сорта од Цетамура била тесно поврзана со две древни семки од грозје претходно проучувани на југот на Франција.

Истражувачите сметаат дека ова претставува биолошки доказ за постоењето на земјоделски мрежи кои се протегале на големи растојанија низ Римското Царство и можеби придонеле за развојот на стандардизираното производство на вино какво што го познаваме денес.

Извор: Blic.rs