МакедонијаСветот на работникот

Државниот инспекторат за труд лани поднел една кривична пријава за исплаќање на плата под минималната – Добил вкупно 436 претставки за неисплатен К-15

Како што ветивме на крајот од минатата година, преку Барање за инфорамции од јавен карактер ги добивме податоците за неисплатен К-15 од страна на Државниот инспекторат за труд.

Според податоците коишто ги добивме од Државниот инспекторат за труд, во 2025 година им пристигнале 436 претставки за неисплатен регрес за годишен одмор, попознат како К-15.

Како резултат на тоа, од ДИТ издале 144 опомени, 57 наредби и 5 покани за порамнување.

Покрај овие податоци, од ДИТ ни доставија податоци и за добиени претставки за неисплатена плата (439) и неисплатена минимална плата (75).

Во однос на неисплаќањето плата во законски предвидениот рок од ДИТ издале 218 опомени, 85 наредби, 2 забрани, 15 покани за порамнување и 3 прекршочни пријави.

За исплата на плата под минималната, ДИТ издал 28 опомени и поднел една кривична пријава.

Ова покажува дека работниците се’ уште немаат доверба во институциите, со оглед на фактот што илјадници работници не зедоа К-15 минатата година. Од податоците може да се забележи дека повеќе претставки ДИТ добил за неисплата на плата, што се должи на доцнењата од страна на работодавачите, кои порталот Работник ги бележеше во текот на цела 2025 година.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk