Светот на работникот

Двете најважни вештини за младите работници во ерата на ВИ, според директорка за таленти на IBM

Како вештачката интелигенција (ВИ) сè повеќе го менува начинот на кој работиме, особено на најниските скалила од професионалната кариера, студентите и оние кои штотуку влегуваат на пазарот на трудот сè почесто се прашуваат кои вештини ќе им бидат највредни во иднина.

Според Апарна Наир, директорка за таленти, лидерство и култура во IBM, постојат две вештини на кои младите работници треба особено да се фокусираат – критичкото размислување и способноста за носење проценки и одлуки во услови на неизвесност и нејаснотии.

„Мора да бидат фокусирани на тоа навистина да го развиваат критичкото размислување и расудувањето“, вели Наир за CNBC Make It.

Таа објаснува дека дел од работите што денес ги извршуваат луѓето многу брзо се менуваат поради ВИ, додека други сè уште се активности во кои човечката проценка има клучна улога. Токму затоа, младите работници треба дополнително да ги развиваат оние способности што ВИ не може целосно да ги замени.

Критичкото размислување станува уште поважно

Истражување на IBM, спроведено меѓу 1.500 директори за човечки ресурси и 8.800 вработени ширум светот, покажува разлика меѓу тоа што раководителите го сметаат за важно и она што го препознаваат самите вработени.

Околу 57 отсто од директорите за човечки ресурси го издвоиле критичкото размислување како важна вештина во ерата на ВИ, во споредба со 49 отсто од вработените.

Слична разлика постои и кај способноста за носење проценки во услови на неизвесност и нејаснотии. Таквата вештина ја сметаат за важна 48 отсто од директорите за човечки ресурси, но само 29 отсто од вработените.

Наир предупредува дека постои уште еден проблем. Во минатото, младите професионалци го граделе своето расудување така што постепено ги извршувале задачите, носеле одлуки и учеле од искуството.

„Традиционално, луѓето го градеа расудувањето преку самото извршување на работата. Денес тој дел од работата веќе не е таму, бидејќи ВИ го извршува“, вели таа.

Затоа, според Наир, е особено важно младите работници да не ги прифаќаат резултатите од ВИ автоматски, туку да ги проверуваат информациите, податоците и предлозите што ги добиваат од технологијата. Токму процесот на проверка може да им помогне да развијат сопствена проценка.

ВИ може да ги забави и развојот на вештините

Истражувањето на IBM покажува и загриженост кај вработените дека прекумерното потпирање на ВИ може да доведе до губење или слабеење на одредени способности.

Меѓу загрижените вработени, три од четири велат дека ВИ веќе започнала да влијае врз нивните вештини, при што најчесто го посочуваат токму критичкото размислување.

Во исто време, 57 отсто од директорите сметаат дека критичкото размислување е од суштинско значење за успехот.

Бони Дилбер, виш менаџер за привлекување таленти во Zapier, смета дека ВИ може да биде корисна алатка за младите работници, но предупредува дека не треба да се користи за носење одлуки.

Според неа, ако младите постојано ѝ препуштаат на ВИ да размислува наместо нив, постои ризик да не ги изградат основните професионални знаења и способности што им се потребни за понатамошен развој.

„Луѓето навистина треба да поминат време градејќи знаење и експертиза и формирајќи сопствени ставови, а потоа да се свртат кон ВИ“, вели Дилбер.

Таа додава дека експертизата се гради преку многу искуство – преку повторување на задачите, соочување со различни ситуации и учење од направените избори.

Како младите можат да ги покажат овие способности?

Критичкото размислување и добрата проценка не се вештини што кандидатите треба само да ги наведат во своето CV. Тие можат и конкретно да ги демонстрираат пред потенцијалните работодавци.

На пример, Дилбер советува младите професионалци да објавуваат на LinkedIn свои размислувања за теми поврзани со нивната индустрија. На тој начин можат да покажат дека не само што ги следат случувањата, туку и умеат да анализираат одреден проблем и да изградат сопствен став.

На интервју за работа или при изработка на задача за селекција, кандидатите можат да објаснат како размислувале при одлучувањето што ќе направат сами, а за што ќе користат ВИ, како и зошто донеле таква одлука.

Токму начинот на кој кандидатот размислува може да биде подеднакво важен како и конечниот одговор.

И покрај брзиот развој на ВИ и промените во побарувачката за технички знаења, Наир смета дека способноста критички да се размислува и да се препознае квалитетот ќе остане важна.

Затоа, нејзиниот совет до младите работници е да не се обидуваат да научат една вештина и потоа да се потпрат на неа до крајот на кариерата.

„Треба да бидете во mindset дека постојано создавате и развивате нови вештини“, вели Наир.

Извор: CNBC Make It