Светот на работникот

Европејците се’ повеќе работат за викенд: Македонија е на врвот на листата заедно со Грција и Кипар

Нова статистика на Евростат открива дека милиони луѓе ширум Европа редовно работат во сабота и недела, а Балканот и Медитеранот предничат по бројот на вработени без слободен викенд. Додека едни работат повеќе од кога било, одредени држави веќе ја тестираат четиридневната работна недела и скратеното работно време без намалување на платите.

За стотина илјади луѓе ширум Европа викендот не е резервиран за одмор. Според најновите податоци на Евростат, повеќе од петтина од вработените во Европа, околу 21,3 %, редовно работат во текот на сабота и недела.

Најголем дел на работници кои работат за викенд се бележи во земјите од Балканот и Медитеранот. Предничи Грција, каде дури 41 % од вработените и самовработените работат во текот на викендот. Следуваат Босна и Херцеговина со 33 %, како и Малта, Кипар и Македонија со по 32 %.

Од друга страна, северот и истокот имаат значајно пониски стапки на работа за викенд. Во Литванија за време на викенд работат само четири проценти од вработените, додека тој процент во Унгарија е седум, а во Полска 7,5 %.

Очекувано, сопствениците на фирми и самовработените многу поретко имаат слободни викенди од класично вработените работници. Дури 46 % од претприемачите и работодавачите работат во текот на викендот, додека меѓу вработените тој процент е 18,5 %.

Кога ќе се земат предвид само вработените, Грција, Кипар и Македонија повторно го заземаат врвот на листата, со повеќе од 30 проценти работници кои работат во саботите и неделите. Зад нив се наоѓаат Швајцарија и Малта, со околу 29 %.

Кај самовработените ситуацијата е уште поизразена. Во Грција дури 75 % од претприемачите работат за викенд, додека високи проценти бележат и Белгија со 66 % и Франција со 60 %.

Работењето за време за викенд не мора да значи и поголем број на вкупни работни часови, но податоците за Грција потврдуваат дека граѓаните на таа земја рабоат повеќе од просекот на Европската унија.

Најмногу за викенд работат вработените во услужните дејности и продажбата, речиси половина од нив, односно 47,6 %. Слична е ситуацијата и во земјоделството, шумарството и рибарството, каде за викенд работат 47,2 % од вработените. Честата работа за време на викенд е карактеристична и за физичките и рутинските работи кои изискуваат поголем физички напор.

Додека дел од Европа и понатаму работи речиси без пауза, поединечни земји експериментираат со пократка работна недела. Најнов пример е Полска, која во текот на летото 2025 започнала пилот – проект за намалување на работната недела од 39 на 35 часа без намалување на платите.

Вработените можеле да изберат помеѓу три модели, шест часа работа дневно, тридневен викенд или дополнителни денови за одмор. Проектот опфатил 90 јавни и приватни компании и околу 5,000 вработени, а резултатите ќе бидат анализирани во 2027 година.

Слични тестови за четиридневна работна недела претходно спровеле и Велика Британија, Германија, Португалија, Исланд, Франција и Шпанија.

Извор: M.A./EUpravo zato/euronews.com

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk