СветСиндикат

Франција: Затворени околу 400 училишта, министерот за образование на состанок со синдикатите, учениците и родителите

Околу 400 училишта во Франција остануваат затворени, додека протестите во образованието продолжуваат да се шират низ земјата. Францускиот министер за образование Едуар Жефре денеска ќе се сретне со претставници на синдикатите, здруженијата на родители и средношколци, како и со членови на Националниот совет за средни училишта, во обид да се најде излез од кризата.

Според француските медиуми, Жефре вчера ги осуди сериозните акти на насилство, но истовремено порача дека сака заедно со средношколците да дојде до „конкретни одговори“ на нивните барања.

Се очекува и денешниот ден да биде напнат.

Во училиштата што остануваат затворени, наставата ќе се одржува онлајн, додека демонстрациите се забранети во близина на училиштата кои беа во центарот на протестите.

Протестното движење, на кое му се приклучија и околу 30 универзитети, ескалираше во повеќе француски градови. Досега биле уапсени речиси 2.000 лица, додека 284 припадници на безбедносните сили се повредени.

Француската влада го осудува она што го нарекува „урбано насилство“, кое го поврзува со движењето „Непокорна Франција“ (LFI). Од друга страна, поддржувачите на ова движење ја обвинуваат владата за „ширење теории на заговор“.

Во меѓувреме, десницата и крајната десница повикуваат на поодлучни мерки и санкции.

Учениците и студентите, пак, бараат повеќе средства за образованието, помали групи на часовите и обезбедување замена за отсутните наставници.

Извор: Бета