СветСветот на работникот

Кои професии ќе бидат најбарани до 2035 година? Ова е листа на 20 добро платени занимања

Пазарот на труд се менува многу побрзо отколку што на многу вработени им се чини, а најновите проекции покажуваат дека во наредната деценија особено би можела да порасне побарувачката за стручњаци од областа на технологијата, здравството, финансиите и управувањето.

Американското Биро за статистика на трудот (BLS) објавило проекции за движењето на вработеноста до 2035 година, а Business Insider ги вкрстил со податоците за платите за да издвои 20 занимања кои истовремено имаат добри приходи и потенцијал за значаен раст на бројот на вработени. Предвид се земени професии со медијална годишна плата од најмалку 75.000 долари.

Податоците се однесуваат на американскиот пазар на труд, но трендовите кои ги покажуваат се интересни и широки, посебно кога станува збор за тоа кои вештини ќе бидат изискувани во претстојните години.

Технологијата останува меѓу најголемите генератори на нови работни места

Не е изненадување што на листата се наоѓаат занимања поврзани со податоци, вештачка интелигенција и сајбер безбедност.

Бројот на вработени на позициите data scientist во САД би требало да порасне за околу 35 % помеѓу 2025 и 2035 годна, додека за стручњаците од областа на информациската безбедност се предвидува раст од околу 21 %. Побарувачката ја поттикнуваат се’ поголемата количина на податоци кои компаниите ги прибираат и обработуваат, но и потребата за развој на ВИ системи и заштита од сајбер напади.

Меѓу занимањата со висок потенцијал се и компјутерските и информациските истражувачи, кои работат на развој на новите технологии и ВИ решенија. За оваа професија BLS предвидува раст на вработеноста од 22 %, со медијална годишна заработка од 140.300 долари.

Здравството ќе има се’ поголема потреба од работници

Еден од најјасните трендови се однесува на здравствениот сектор.

BLS очекува дека бројот на вработени медицински сестри со напредни овластувања, односно nurse practitioners. ќе порасне за 41 % до 2035 година. Нивната медијална годишна плата изнесува 132.300 долари.

Раст се очекува и кај лекарските асистенти, како и кај менаџерите на здравствени служби. За менаџерските позиции во здравството се предвидува раст на вработеноста од 24 %, додека медијалната годишна плата е 123.860 долари.

Причината, помеѓу другото, е стареењето на населението и растот на потребата за здравствени и социјални услуги. Здравството и социјалната заштита би требало да бидат меѓу секторите со најголем раст на вработеноста во текот на наредната деценија.

Не се само ИТ и медицината во игра

На листата се наоѓаат и занимања од областа на финансиите.

Сметководителите и ревизорите, на пример, би требало да добијат голем број нови работни места, додека раст се очекува и кај финансиските стручњаци, менаџери и аналитичари.

Особено е интересно што меѓу работните места со добри плати се наоѓаат и оние кои изискуваат комбинација од аналитичко размислување и деловно одлучување. Тоа покажува дека иднината на пазарот на труд нема да им припадне исклучиво на техничките професии, туку и на луѓето кои умеат податоците да ги претворат во конкретни деловни одлуки.

Енергетиката станува се’ поважна

Промените во енергетскиот сектор исто така отвораат нови работни места.

Сервисерите на ветротурбини и инсталатерите на соларни фотонапонски системи се наоѓаат меѓу занимањата со најбрз процентуален раст на вработеноста. Сепак, важно е да се направи разлика помеѓу процентуалниот раст и вкупниот број на нови работни места.

BLS предвидува раст од 37 % за инсталатерите на соларни системи и 30 % за сервисерите на ветротурбини. Меѓутоа, поради релативно малите почетни плати, вкупниот број на нови работни места во овие професии ќе биде многу помал од, да речеме, во здравството или технологијата.

Што значи тоа за луѓето кои избираат кариера?

Една од поважните пораки на овие проекции е дека добро платената работа и работата на иднината не се нужно две различни работи.

Податоците укажуваат на раст на побарувачката за луѓе кои работат со технологија и податоци, но и за стручњаци кои решаваат комплексни проблеми, управуваат со системи и работат во областите во кои човечката експертиза е тешко заменлива.

Истовремено, автоматизацијата и ВИ можат да ја намалат потребата од поединечни рутински задачи. BLS, на пример, очекува дека автоматизацијата и ВИ ќе придонесат на падот на вработеноста во делот на административните и канцелариските занимања.

Затоа прашањето за иднината на кариерата повеќе не е само „која работа е најплатена“, туку и кои вештини ќе бидат доволно вредни за побарувачката да продолжи да расте.

Засега, американските проекции даваат прилично јасен одговор: меѓу нив се работа со податоци, ВИ, сајбер безбедност, здравство, финансии и управување – но и занимањата повразни со транзицијата кон обновливи извори на енергија.

Извор: BIZLife.rs