Колку пари ви се потребни за 7 дена летување во Грција? Точна пресметка во евра
Грција и понатаму цврсто ја држи позицијата на една од најомиелните дестинации за туристи од целиот регион, било да станува збор за долги летувања или кратки викенд излети. Меѓутоа, со доаѓањето на летната сезона, цените на услуги и сместувања традиционално растат, особено на популарните острови. Затоа клучно е прашањето кое секој патник го поставува пред поаѓање: како финансиски да се подготви и колку евра да понесе?
Што најмногу ја диктира цената на летување?
Според анализата на економскиот портал Forsal.pl, крајните трошоци за патување најмногу зависат од три клучни фактори: локација, тајминг и стил на патување.
Островите како Санторини и Миконос диктираат значајно повисоки цени во однос на копнениот дел на Грција или помалку познатите региони. Исто така, шпиц сезоната во јули и август носи скок на цените, додека во претсезона и постсезона можете да поминете значајно поевтино. На крајот, изборот помеѓу скромен апартман и луксузен all-inclusive хотел со пет ѕвезди ја прави најголемата разлика во буџетот.
Реални трошоци: Колку пари се потребни за една недела?
Кога ќе се пресметаат просечните трошоци, реалната процена за седумдневен престој во Грција изгледа вака:
- За поединец: Потребно е да се издвојат помеѓу 700 и 1,150 евра за основни трошоци.
- За парови: Буџетот се движи од 1,400 до 2,100 евра.
- За четиричлено семејство: Со две деца, трошоците се зголемуваат на од 2,800 до 4,200 евра.
Доколку уплатите all-inclusive аранжман, ќе имате голема предвидилвост на трошоците, но искусните туристички работници советуваат секогаш да носите дополнителни 200 до 350 евра по лице за излети, сувенири и бакшиш.
Самостојна организација и „златни правила“ за џепарлак.
За оние кои повеќе сакаат авантура и самостојно планирање, математиката е нешто поинаква. Покрај авионските билети или трошоците за гориво, треба да се пресмета и сместувањето кое во просек се движи од 50 евра по ноќевање па нагоре.
Кога станува збор за џепарлак за храна и превоз, безбедната зона изнесува помеѓу 400 и 600 евра по лице за недела дена, додека оние кои сакаат покомотен одмор и вечери во поскапи ресторани би требало да сметаат на износ до 800 евра.
Совет плус: Иако повеќевалутните картички се идеални за плаќање во хотелите и големите маркети, во Грција и понатаму е непходно да се има готовина. Кешот ќе ви треба за локалните пазари, за во помалите локални таверни и за плаќање на лежалките на одредени плажи.
Како да се заштедат пари и да се избегнат скриени трошоци?
Економските експерти истакнуваат дека со паметно планирање на буџетот, можете значајно да се растеретите. Еве неколку практични чекори:
- Рана резервација: Билетите и сместувањето резервирани со месеци однапред се драстично поевтини.
- Локален дух: Хранете се во традиционалните таверни вон главните туристички улици и користете јавен превоз наместо такси.
- Маркети наместо шеталишта: Вода и основни намирници купувајте во големи супермаркети, бидејќи цените на самите плажи се многукратно поголеми.
На крај, препорака е никогаш да не тргнувате на пат без платено патно здравствено осигурување, за да ги избегнете астрономските трошоци за евентуално лекување. Исто така, пред поаѓање проверете ги банкарските надоместоци за подигање пари во странство и оставате резерва од 10 до 15 % од буџетот за непредвидени ситуации, што е најдобра гаранција за мирен и безгрижен одмор.
Извор: businessinsider.com.pl

