СветСиндикат

Референдум во Швајцарија го вклучи алармот: Бизнисот и синдикатите заедно против ограничувањето на имиграцијата

Швајцарските работодавачи и синдикати започнаа заедничка кампања без преседан пред референдумот за ограничување на имиграцијата, предупредувајќи дека предлогот може да ги загрози односите со Европската Унија и да предизвика сериозен недостиг на работна сила.

Швајцарските гласачи в недела ќе одлучуваат за иницијативата „Не за Швајцарија со 10 милиони жители!“, која предвидува ограничување на растот на населението и построги правила за имиграција. На крајот од минатата година во земјата живееле околу 9,1 милион жители, а од воведувањето на слободното движење на луѓето во 2002 година, населението се зголемило за околу 1,7 милиони, главно поради имиграцијата.

Референдумот е дел од швајцарскиот систем на директна демократија, во кој граѓаните неколкупати годишно гласаат за клучни национални прашања. За покренување иницијатива потребни се 100.000 потписи собрани во рок од 18 месеци.

Зад иницијативата стои најсилната партија во земјата

Предлогот го поддржува Швајцарската народна партија (SVP), десничарска и евроскептична политичка сила која од 1999 година редовно е најголема партија на федералните избори.

Иако е најсилна политичка опција, SVP не владее самостојно поради специфичниот швајцарски модел познат како „магична формула“, според кој седумте министерски позиции се распределуваат меѓу четирите најголеми партии.

Партијата со години се залага за построга контрола на имиграцијата, заштита на швајцарскиот суверенитет во однос на ЕУ и зачувување на традиционалниот начин на живот во руралните средини.

Претходните обиди за ограничување на имиграцијата

Во 2014 година, иницијативата „Против масовната имиграција“ беше усвоена со тесно мнозинство од 50,3 проценти. Сепак, швајцарските власти подоцна постигнаа компромис со ЕУ и наместо строги квоти воведоа мерки што им даваа предност при вработување на домашните кандидати.

Шест години подоцна, во 2020 година, гласачите ја отфрлија иницијативата за целосно укинување на договорот за слободно движење со ЕУ со 62 проценти од гласовите.

Овојпат SVP ја промени стратегијата и акцентот го стави на прашања како одржливоста, урбанистичкото планирање и инфраструктурата, со цел да придобие поширок круг гласачи.

Бизнисот предупредува на недостиг од работна сила

Странските државјани сочинуваат околу 30 проценти од жителите на Швајцарија – еден од највисоките удели во Европа. Тоа ја одразува зависноста на швајцарската економија од увезена работна сила во секторите како здравството, високата технологија, градежништвото и туризмот.

Најголемите организации на работодавачи и синдикати ја нарекоа иницијативата „иницијатива на хаосот“, предупредувајќи дека би можела да ја загрози економската стабилност на земјата.

Во хотелската индустрија, според здружението HotellerieSuisse, повеќе од половина од вработените се странски државјани, додека недостигот од сезонски работници веќе претставува сериозен проблем.

„Во Швајцарија можеме да најдеме инженери за проектирање и монтажа на машини, но ни недостигаат специјалисти за нивно тестирање и калибрација“, изјави Пјер-Ив Бонвен, директор на производителот на текстилни машини „Штајгер“.

Според него, за овие професии веќе нема соодветно образование во земјата, па компаниите се принудени да регрутираат кадар од Франција и Германија.

Во прашање и односите со Европската Унија

Дополнителна тежина на референдумот му дава фактот што Швајцарија и Европската Унија пред само три месеци потпишаа пакет договори познат како „Билатерала III“, со кој се модернизираат постојните договори за пристап до европскиот пазар и се отвора нова соработка во енергетиката, истражувањата и безбедноста на снабдувањето.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при потпишувањето оцени дека договорите претставуваат „стратешко репозиционирање“ во нестабилен глобален контекст.

Иако швајцарскиот претседател Ги Пармелен изјави дека иницијативата не бара веднаш раскинување на договорот за слободно движење на луѓе со ЕУ, правните експерти предупредуваат дека доколку биде усвоена, таквиот исход би бил речиси неизбежен.

Големи економски влогови

Минатата година повеќе од половина од швајцарскиот извоз бил пласиран на пазарот на ЕУ, во вредност поголема од 143 милијарди евра.

Дополнителен проблем претставува таканаречената „гилотинска клаузула“ во билатералните договори од 1999 година. Доколку се раскине еден од седумте клучни договори, автоматски престануваат да важат и останатите, вклучително и договорите за воздушен и патен транспорт, трговија и јавни набавки.

Според предлогот, кога населението ќе достигне 9,5 милиони жители, владата ќе мора да воведе ограничувања за нови дозволи за престој, спојување семејства и азил. Доколку бројот достигне 10 милиони жители, Швајцарија би била обврзана да го раскине договорот за слободно движење со ЕУ, освен ако Брисел не прифати слични ограничувања.

Анкетите покажуваат тесна трка

Последната анкета на институтот GFS Bern, спроведена меѓу 19.400 граѓани, покажува дека 52 проценти од испитаниците се против иницијативата, додека 45 проценти ја поддржуваат.

Се проценува дека двете страни ќе потрошат рекордни 15 милиони швајцарски франци за кампањата. Кампањата против иницијативата ја поддржуваат работодавачите, синдикатите и социјалдемократите, додека главен финансиер на спротивниот табор е SVP.

Најголемиот синдикат во земјата, Unia, предупреди дека ограничувањето на имиграцијата би можело да доведе до укинување на правилата што ги штитат работниците од дискриминација и да отвори простор за намалување на платите.

Гласањето ќе се одржи на 14 јуни, а резултатите се очекуваат истата вечер по затворањето на избирачките места. За усвојување на иницијативата потребно е двојно мнозинство – повеќе од 50 проценти од гласовите на избирачите и поддршка од мнозинството од 26-те кантони.

Извор: tportal.hr