Македонските работници меѓу тие со најмалку слободни денови во цела Европа
Македонските работници имаат вкупно 31 загарантиран слободен ден во текот на годината, што ја сместува земјата на самото европско дно според платено отсуство од работа. Додека домашниот Закон за работни односи предвидува базен од 20 работни дена годишен одмор и 11 неработни денови за сите граѓани, просекот во Европската Унија надминува 34 дена, а поединечни земји членки обезбедуваат речиси две недели повеќе платен одмор.
Европскиот рекорд го држат Австрија и Франција. Во Австрија вработените законски добиваат најмалку 25 работни дена одмор, кои со стаж растат на 30, заедно со 13 државни празници. Вкупниот збир таму изнесува најмалку 38 слободни платени денови. Франција на своите работници им гарантира 25 дена одмор пресметани во петдневна работна недела и 11 празници, со чести законски скратувања на работната недела преку дополнителни денови за одмор (RTT).
Шпанија и Германија исто така нудат повисоко ниво на социјална заштита. Шпанскиот модел содржи 22 работни дена одмор и просек од 14 празници зависно од регионот, со што работникот одмара 36 дена во годината. Во Германија сојузниот закон дефинира минимум од 20 работни дена, но колективните договори редовно го дигаат тој број на 30 дена, плус меѓу 9 и 13 регионални неработни празници.
На просторот на поранешна Југославија само Хрватска бележи повисока законска заштита поради усогласувањето со правилата на Унијата. Хрватските работници имаат 20 дена одмор и 14 неработни денови, односно вкупно 34 слободни дена.
Србија и Босна и Херцеговина го делат македонскиот просек. Српскиот закон утврдува 20 дена годишен одмор и 12 неработни денови. Во Босна и Херцеговина законот гарантираат најмалку 20 работни дена одмор и десет празници годишно. Албанија пак бележи помал број гарантирани работни дена одмор, со минимум од четири седмици и вкупно 14 официјални празници.
Македонскиот Закон за работните односи утврдува годишен одмор од најмалку 20, а најмногу 26 работни дена. Дополнителните денови зависат исклучиво од стажот, сложеноста на работното место и условите наведени во гранковите колективни договори. Во пракса, најголемиот дел од вработените во приватниот сектор добиваат само 20 работни дена.
Законот за празниците одредува 11 неработни денови за сите граѓани, при што важи законското правило дека ако празникот падне во недела, за неработен се смета наредниот понеделник. Токму ова решение сега е мета на критики од стопанските комори, кои бараат укинување на префрлањето на слободните денови во понеделник со образложение дека се губат работни часови и продуктивност. Сепак, дури и со постојното префрлање, македонските работници остануваат со помалку слободни денови од мнозинството свои европски колеги.
Извор: Трн

