СветСветот на работникот

Meta отпушта 1.500 вработени: Се гаси проектот за метаверзум

Компанијата Meta, предводена од Марк Закерберг, по години неуспешни обиди да изгради профитабилна платформа за виртуелна реалност, одлучи да отпушти поголем број вработени во овој сектор, пренесуваат американските медиуми.

„Волстрит журнал“ оваа недела објави дека Meta отпушта околу 1.500 вработени од својата дивизија Reality Labs – одделението задолжено за развој на производите на компанијата поврзани со виртуелната реалност.

Во рамки на овој бран отпуштања, затворени се три студија за виртуелна реалност. Онлајн платформата Horizon Worlds, која е дел од VR-понудата на Meta, ќе продолжи да функционира, но со значително намален капацитет, пренесува сајтот Futurism.

Отпуштањата опфаќаат речиси 10 отсто од вкупниот број вработени во Reality Labs, што претставува драстично намалување и јасен сигнал за стратешкиот пресврт на компанијата. Наместо виртуелната реалност, Meta сè повеќе се насочува кон уреди базирани на вештачка интелигенција, како што се нејзините AI паметни очила.

„Минатиот месец соопштивме дека дел од инвестициите ги пренасочуваме од метаверзумот кон носиви уреди“, изјави портпарол на Meta, додавајќи дека најновите отпуштања се дел од тој процес.

На почетокот на декември, „Волстрит журнал“ објави дека Reality Labs од своето основање во 2020 година има акумулирано загуби поголеми од 77 милијарди долари.

Одлуката на Meta конечно да се откаже од неуспешниот проект за метаверзум, аналитичарите од индустријата ја оценуваат како „паметен, но задоцнет потег“, наведува сајтот.

Останува да се види дали пренасочувањето кон „носиви уреди“ поттикнати од вештачка интелигенција ќе се покаже како поуспешна стратегија од амбициозниот, но финансиски неисплатлив проект за виртуелна реалност на Закерберг, пишува Futurism.

Извор: b92.net