Коментар

Коментар: Не е само да речеш дека го почитуваш работникот

По повод денот на почитување на вработените (Employee Appreciation Day), решив да издвојам неколку поенти кои сметам дека се многу важни.

Искрено, не сакам ова писание да биде наполнето со некакви податоци, туку идејата е на кратко да ги искажам работите кои сметам дека треба да се кажат.

Како можеш да кажеш дека го почитуваш вработениот, кога не му ги почитуваш основните работнички права? Не му исплаќаш плата на време или му исплаќаш плата под минималната. Не му исплаќаш К-15 или му ги исплаќаш, па му ги бараш парите назад.

Минатата година, УЈП излезе со податоци дека илјадници работници не зеле плата на време. Јас пред некој ден објавив дека до Државниот инспекторат за труд пристигнале 436 претставки за неисплатен К-15. Ништо од ова не покажува почитување на вработените.

Почитување на работникот не е тоа да му го нарушуваш балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот и да не му даваш право да се исклучи. Едноставно, тоа не е почитување на работникот.

Епа, не можеш да очекуваш работникот да те почитува, а ти да го правиш спротивното. Тоа е сулудо и апсурдно. Затоа и помладите генерации на работници повеќе не трпат. Некако се снаоѓаат, но не работат со секоја цена.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk