Платени се да седат во канцеларија и да гледаат низ прозорец – систем што за многумина е „сон“
Во Јапонија, некои повозрасни вработени примаат плата иако имаат малку работни обврски. Што претставува феноменот „мадогивадзоку“ и зошто компаниите ги задржуваат овие работници?
Додека компаниите ширум светот воведуваат вештачка интелигенција, ги намалуваат трошоците и бараат сè поголема продуктивност, во Јапонија некои повозрасни вработени и понатаму секојдневно доаѓаат во канцеларија и примаат плата, иако имаат многу малку работни обврски.
Зад оваа необична деловна практика се крие приказна за лојалноста кон работодавачот, стареењето на населението и чувството дека човекот повеќе не е потребен, пишува Klix.ba.
Додека на глобалниот пазар на трудот сè почесто се зборува за отпуштања, автоматизација и вештачка интелигенција која го менува начинот на работење, Јапонија се соочува со поинаков проблем. Одредени вработени со години доаѓаат на работа и ја задржуваат платата, иако речиси и да немаат конкретни задачи.
Овој феномен е познат како „мадогивадзоку“ (madogiwazoku), термин што најчесто се преведува како „племе покрај прозорецот“. Тој ги опишува вработените кои по долгогодишна кариера во иста компанија се префрлени на работни позиции со малку одговорности и ограничено влијание врз работењето.
Наместо да водат проекти, да носат одлуки или да раководат со тимови, нивниот работен ден може да се сведе на прегледување документи, одговарање на неколку електронски пораки, разговори со колегите и чекање да заврши работното време.
На прв поглед, ваквата ситуација може да изгледа како работа од соништата. Сепак, зад неа се крие многу посложена приказна за односот кон работата, сигурноста на работното место и професионалното достоинство.
Платени да доаѓаат на работа, но без важни задачи
Феноменот „мадогивадзоку“ најчесто се поврзува со вработени во доцните педесетти и шеесеттите години од животот, кои голем дел од својата кариера го поминале во иста компанија.
Кога ќе се променат деловните потреби, нивните вештини ќе застарат или работните места на кои претходно биле ангажирани ќе престанат да постојат, некои работодавачи одлучуваат да не ги отпуштат, туку да ги префрлат на помалку изискувачки позиции.
На тој начин, овие вработени можат да го задржат работниот однос и одредено ниво на приходи, но нивната професионална улога станува значително помала.
Во одредени случаи, нивниот придонес за компанијата се сведува на минимум, што го отвора прашањето зошто и понатаму остануваат на платниот список.
Извор: Bizportal.rs

