СветСветот на работникот

По згаснувањето на југословенскиот гигант: БиХ остана без клучна суровина

Во Федерацијата Босна и Херцеговина во мај годинава не е произведен ниту еден тон кокс, додека во истиот месец лани производството изнесувало 35.448 тони, покажуваат најновите податоци на Федералниот завод за статистика.

Коксарницата во Лукавац, во близина на Тузла, престана со работа во февруари годинава по повеќемесечни финансиски проблеми и отворање стечајна постапка. Без работа останаа повеќе од 800 вработени.

Печките во фабриката се изгаснати по 73 години производство, со што згасна уште еден голем индустриски капацитет, кој во последните две децении често беше меѓу десетте најголеми извозници во Босна и Херцеговина, објави порталот BHRT.

Коксарницата е изградена во периодот на забрзаната индустријализација во поранешна Југославија, со цел произведениот кокс да се користи во високите печки за производство на железо, меѓу кои и во Железарницата во Зеница.

Сепак, Железарницата во Зеница минатата година работеше со загуба од речиси 97 милиони конвертибилни марки, а производството на челик во април 2026 година беше прекинато по повеќе од 130 години континуирана работа, пренесува „Дојче веле“.

Стотици работници беа испратени на принуден годишен одмор, додека речиси 2.000 вработени се соочуваат со неизвесност и стравуваат за своите работни места.

„Ова е најтешкиот ден и најголемиот пораз во мојот живот“, изјави тогаш генералниот директор на компанијата, Ахмед Хамзиќ.

Проблемите за Железарницата во Зеница дополнително ескалираа откако Коксарницата Лукавац (поранешен ГИКИЛ) замина во стечај кон крајот на 2025 година, оставајќи ја високата печка во Зеница без домашен извор на кокс.

Експертите предупредуваат дека пропаѓањето на коксарницата во Лукавац и кризата во Железарницата во Зеница би можеле да предизвикаат многу пошироки негативни последици, бидејќи стотици компании во БиХ се директно или индиректно поврзани со работењето на овие индустриски гиганти.

Извор: B92.net