ЕкономијаСвет

Познато кој планира да ја преземе фабриката на Фолксваген: Производството на автомобили се гаси во 2027 година

Израелската компанија Aurelius Capital и германската покраина Долна Саксонија планираат да ја преземат фабриката на „Фолксваген“ во Оснабрик и да ја пренаменат за производство поврзано со одбранбената индустрија.

Информацијата ја соопшти германскиот автомобилски гигант, кој веќе со месеци преговара со потенцијални инвеститори за иднината на фабриката.

Во Оснабрик производството на автомобили постепено треба да биде прекинато во 2027 година, а производството за потребите на одбраната се појави како една од најреалните можности за иднината на погонот, пренесува „Ројтерс“.

Израелски инвеститор ќе биде мнозински сопственик

Според заедничката изјава потпишана од двете страни, Aurelius би ја презел фабриката заедно со Долна Саксонија.

Покраината е втор најголем акционер во „Фолксваген“, а според планот израелската инвестициска компанија би станала мнозински сопственик на фабриката.

Дополнителните детали за трансакцијата и идното работење на погонот засега не се објавени. Плановите допрва треба да бидат финализирани.

Фабриката би произведувала опрема за противвоздушна одбрана

„Фолксваген“ наведува дека првиот „клучен проект“ за фабриката во Оснабрик би можел да вклучува соработка со израелската компанија Rafael Advanced Defense Systems, специјализирана за одбранбени технологии.

Станува збор за план кој претходно беше најавуван од извори запознаени со ситуацијата, а сега за првпат е потврден и од „Фолксваген“.

„Овие планови вклучуваат потенцијално производство на системи и компоненти за системи за противвоздушна одбрана за Германија и Европа“, соопшти компанијата.

Од „Фолксваген“ додаваат дека ваквата соработка би можела да создаде основа и за реализација на други слични проекти во иднина.

Фолксваген се соочува со вишок производствени капацитети

Преземањето на фабриката доаѓа само неколку дена откако „Фолксваген“ постигна договор за најголемото преструктурирање во историјата на компанијата.

Германскиот производител се соочува со вишок производствени капацитети и високи трошоци, додека европскиот автомобилски пазар е под притисок поради слабеењето на побарувачката и зголемената конкуренција од кинеските производители.

Поради тоа, во Германија се разгледува затворање или пренамена на повеќе производствени погони.

Одбранбената индустрија во последно време се наметнува како потенцијално решение за дел од неискористените капацитети на европските автомобилски компании. Слични активности веќе преземаат и други големи компании, меѓу кои Rheinmetall и Continental.

Доколку планот за Оснабрик биде реализиран, фабриката која досега произведуваше автомобили би можела да добие сосема нова улога – производство на технологии и компоненти за одбранбени системи наменети за германскиот и европскиот пазар.

Извор: B92.net