Рудникот САСА им понудил доброволни спогодби на 33 вработени за да го напуштат поради финансиките тешкотии
Вчера, поранешниот претседател на Независиниот синдикат на полицијата и член на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, Гоце Делчев до редакцијата на порталот Работник испрати негов Фејсбук статус во кој наведува дека „од засега непознати причини раководството на рудникот САСА согласно нивните интерни проценки, донесе одлука за прогласување вишок на 45 работници“.
„Поради ова новонастаната состојба, Синдикатот СПАЈС, во координација со правниот тим на адвокати од КСОМ, внимателно ги анализира сите правни и фактички последици кои произлегуваат од ситуацијата“, посочи Гоце Делчев во фејсбук статусот.
Редакцијата на Работник испрати барање за коментар до Рудникот САСА, од каде што ни беше речено дека не станува збор за технолошки вишок, туку дека на вработените им е понудено да потпишат доброволни спогодбени договори за напуштање на САСА.
Од САСА рекоа дека на вкупно 33 вработени им е дадена можност да потпишат доброволни спогодбени договори за напуштање на САСА.
Од таму ни испратија и соопштение во кое објаснуваат зошто ја донеле одлуката да им понудат на вработените спогодбени договори.
„Во изминатиот период, Рудник САСА се соочуваше со комбинација од зголемени трошоци, сложени геолошки услови и намалени нивоа на производство, што резултираше со финансиски загуби. Внатрешните и надворешните анализи потврдуваат дека во периодот од 2019 до 2025 година, бројот на вработени во САСА е зголемен за 11 %, додека производството на руда е намалено за 7 %, а производството на метален концентрат за 14 %. Овие показатели ја потврдуваат потребата од подобра усогласеност на организациската структура со реалните производствени и пазарни услови“, наведуваат од САСА.
Во соопштението се цитира и изјавата на генералниот директор Џејмс Караматич.
„Планот ’Подготвени за иднината’ е тешка, но неопходна иницијатива со која сакаме да го вратиме рудникот САСА во профитабилна состојба на краток рок и да ја обезбедиме неговата стабилност и одржливост на долг рок, со што се штити и иднината на нашата работна сила“, рече тој и додаде:
„На вработените им беше понудена можност за спогодбени договори, со според наше уверување, исклучително поволен финансиски пакет“, рече тој, нагласувајќи дека планот се спроведува во рамките на социјалниот дијалог што во континуитет се одвива со двата сидникати кои се активни во САСА.

