Светот на работникот

Шанса за работа во Германија, недостигаат 200.000 работници

Германската занаетчиска индустрија во моментов се соочува со сериозни предизвици. Според проценките, на секторот му недостасуваат околу 200.000 квалификувани работници, додека растот на приходите се очекува да биде само еден процент оваа година. Иако е важен столб на германската економија и на пазарот на трудот, притисоците врз компаниите и недостигот на работна сила стануваат сè поизразени. Според податоците од Федералната агенција за вработување, на крајот на декември, во занаетчиската индустрија во Германија биле пријавени 119.565 отворени работни места. Сепак, многу компании не ги пријавуваат сите слободни работни места во службите за вработување.

Централното здружение на германски занаетчии (ZDH) проценува дека вистинската потреба од дополнителни работници е многу поголема – околу 200.000, што е само малку помалку од минатата година.

И покрај економската стагнација, занаетчиството во моментов нема масовни отпуштања, за разлика од некои големи индустрии. Сепак, ZDH предвидува пад на вработеноста за околу 60.000 работници оваа година. Главната причина за ова е пензионирањето на голем број занаетчии, но и затворањето на компаниите, или поради недостаток на наследници или поради зголемени административни и финансиски оптоварувања.

ZDH наведува дека малите бизниси со до четири вработени се особено погодени. Сè поголем број сопственици се откажуваат од своите бизниси затоа што не можат да најдат наследници или се соочуваат со зголемени оптоварувања – од бирократија и даноци до придонеси за социјално осигурување и високи цени на енергијата. Во такви услови, сè потешко е да се води профитабилен бизнис- пишува Блиц.рс. Иако претседателот на ZDH Дитрих признава дека федералната влада предводена од канцеларот Фридрих Мерц поставила одредени позитивни импулси во економската политика, занаетчиите како и другите сектори очекуваат побрзи и порешителни реформи. Тие особено ја нагласуваат потребата од намалување на бирократските пречки, даночните оптоварувања, трошоците за енергија и социјалните бенефиции.