Слабостите се корегираат: РЕВИЗИЈАТА НА ФОНДОТ ЗА ПИОМ СЕ ОДНЕСУВА НА ВРЕМЕТО НА ПРЕТХОДНОТО РАКОВОДСТВО
Во врска со конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за 2024 година, Фондот ја информира јавноста дека станува збор за редовна годишна ревизија која се спроведува секоја година согласно закон и го опфаќа финансиското работење, усогласеноста на постапките и управувањето со средствата на институцијата.
Важно е да се нагласи дека предмет на ревизија е работењето на Фондот во текот на целата 2024 година.
Во првите девет месеци од ревидираниот период со Фондот управуваше раководен кадар именуван во време на претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, додека актуелното раководство ја презеде одговорноста за управување со институцијата во последниот квартал од годината.
Поради тоа, најголемиот дел од ревидираните постапки, одлуки, договори, административни процеси и утврдени состојби се однесуваат на период кога Фондот функционирал под раководство на претходниот менаџмент.
Дополнително, значителен дел од забелешките на ревизорите се однесуваат на состојби кои се провлекуваат со години и биле нотирани и во претходни ревизорски извештаи, што укажува дека станува збор за наследени системски слабости.
Фондот на ПИОМ нагласува дека по преземањето на функцијата, актуелниот менаџмент веднаш пристапи кон анализа на сите ризични процеси и воведе конкретни мерки за надминување на утврдените слабости.
Во делот на јавните набавки отстранети се сите недостатоци забележани во наодите и се воспоставени дополнителни контролни механизми, зајакнати се процедурите за планирање и реализација на набавките и е воспоставен систем на повисока транспарентност и отчетност.
Истовремено, преземени се активности за средување на административните евиденции, подобрување на внатрешните контроли, унапредување на финансиското управување, зајакнување на институционалната дисциплина и подобрување на процесите поврзани со управувањето со средствата и имотот на Фондот.
Фондот на ПИОМ со полна одговорност оценува дека слабостите кои се однесуваат на тековното административно работење и на системот на јавни набавки се веќе надминати, а механизмите воспоставени на крајот на 2024 и во текот на 2025 година, значително го намалуваат ризикот од повторување на констатираните состојби во иднина и ова е нотирано во извештајот на ДЗР во прилот на забелешките од Фондот на ПИОМ.
Воедно, во јавноста се отворија прашања поврзани со обврските кон Фондот за здравствено осигурување и трансферите кон пензиските друшва од вториот столб.
Во таа насока Фондот на ПИОМ смета дека е потребно да се истакне дека зголемувањето на овие обврски е директна последица на историски најголемото зголемување на пензиите во државата.
Со одлуките донесени во изминатиот период, пензиите беа зголемени номинално за околу 7.000 денари месечно за сите 347.000 пензионери. Тоа значи дополнителни средства за пензионерите во износ од околу 30 милијарди денари на годишно ниво.
Бидејќи придонесот за здравствено осигурување на пензионерите се пресметува како процент од исплатената пензија и изнесува 11,8 проценти од нето исплатената пензија, а делот за вториот столб е 6 проценти од вкупните придонеси за пензиско осигурување, сосема очекувано е со растот на пензиите да се зголемува и обврската по овој основ кон Фондот за здравствено осигурување.
Оттука, Фондот на ПИОМ нагласува дека зголемените обврски се директен резултат на повисоките пензии и подобриот животен стандард на пензионерите, а не последица на нарушена финансиска стабилност или нефункционирање на системот.
Исплатите по овие основи зависат од висината на средства обезбедени во буџетот на ПИОМ и реализацијата на овие стапки во буџетот на Фондот за 2024 година изнесува 82,24 проценти за ФЗО и 92,95 проценти за Вториот столб.
Фондот на ПИОМ смета дека најважно е што во ниту еден момент не е доведено во прашање здравственото осигурување на пензионерите.
Сите пензионери непречено и континуирано ги остваруваат своите права од здравственото осигурување и редовно ги добиваат здравствените услуги под исти услови како и досега.
Фондот на ПИОМ целосно ги прифаќа препораките на Државниот завод за ревизија и континуирано работи на нивна имплементација.
Истовремено, Фондот на ПИОМ останува посветен на принципите на законитост, отчетност, транспарентност и домаќинско управување со средствата на осигурениците и пензионерите.
Граѓаните и пензионерите треба да бидат уверени дека финансиската стабилност на Фондот, редовната исплата на пензиите, непреченото функционирање на пензискиот систем и континуираното обезбедување на здравствените права на пензионерите не се доведени во прашање и остануваат врвен приоритет на актуелното раководство на ПИОМ и Владата на Република Македонија.

