СветСветот на работникот

Starbucks им наложува на вработените враќање во канцеларија четири дена неделно

Американската корпорација Starbucks најави промени во работната политика, според кои од 29 септември, нејзините корпоративни вработени ќе мора да работат четири дена неделно во канцеларија, наместо досегашните три.

Во соопштението објавено од компанијата, се наведува дека оваа промена е дел од иницијативата под наслов „Назад во Starbucks“, со која менаџментот има за цел да ја обнови корпоративната култура преку зголемено физичко присуство на работното место.

Покрај тоа, на менаџерите кои моментално работат од далечина им е даден рок од 12 месеци да се преселат во Сиетл (каде се наоѓа седиштето на компанијата) или во Торонто, доколку работат во канцеларијата на Starbucks во Канада.

Главниот извршен директор, Брајан Никол, кој по вработувањето минатата година не беше обврзан да се пресели, сега веќе има своја резиденција и канцеларија во Сиетл. Тој е и иницијатор на поширока реорганизација на Starbucks кафулињата, со цел да се подобри гостопримливоста и да се запре падот на продажбата, кој трае веќе пет последователни квартали.

„Повторно ја воспоставуваме нашата канцелариска култура, затоа што најдобро работиме кога сме заедно – полесно ги споделуваме идеите, креативно ги решаваме предизвиците и се движиме многу побрзо“, изјави Никол.

Овој потег доаѓа во време кога многу мултинационални компании ја преиспитуваат флексибилноста на хибридниот модел на работа, стремејќи се кон подобра ефикасност и зголемена продуктивност преку физичко присуство на тимовите.

Извор: b92.net