ЕкономијаМакедонија

Трошоците на животот во мај зголемени за 4,8 отсто, поскапеле храната и транспортот

Трошоците на животот во мај годинава, во споредба со истиот месец минатата година, бележат зголемување од 4,8 проценти, додека цените на мало во истиот период бележат раст од 5,6 отсто.

Според официјалните податоци, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај, во однос на претходниот месец април, изнесува 0,6 проценти.

Во мај 2026 година, во споредба со април 2026 година, најголем раст на трошоците е забележан во секторот транспорт, каде зголемувањето изнесува 1,6 отсто. Пораст има и кај облеката и обувките, како и кај храната и безалкохолните пијалаци за 1,0 процент.

Статистиката бележи зголемување на трошоците и во групите рекреација, спорт и култура за 0,9 отсто, информации и комуникации за 0,7 проценти, како и кај рестораните и услугите за сместување за 0,5 отсто. Минимален раст од по 0,1 процент има кај здравствената заштита и домувањето, водата, струјата, гасот и другите горива.

Од друга страна, во мај 2026 година, во однос на април 2026 година, намалување на трошоците на животот е евидентирано кај личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги за 0,4 проценти, како и кај покуќнината, опремата и редовното одржување на домаќинствата за 0,1 отсто.

Трошоците на животот во групите за образовни услуги, осигурување и финансиски услуги, како и алкохолни пијалаци, тутун и наркотици останале на исто ниво како и во претходниот месец, додека цените на мало во мај во однос на април се зголемени за 0,8 проценти.