Ампева бара надоместок од Агенцијата за вработување за лицата кои останале без работа
Во однос на тоа што рестркциите во Европа негативно се одразуваат врз текстилната индустрија, Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“ вели дека Гласен Текстилец одамна прогнозирал и знаел дека тоа ќе се случи.
„Мерките беа какви што беа, но во првите сетови зедоа помош индустрии кои во тие месеци, април и мај, немаа особени загуби. Следевме работење во време на карантини и полициски час, празник, недела и прекувремена работа“, вели Ампева.
Таа вели дека како Здружение предупредиле конкретно за тектилната индустрија дека ќе има проблеми при крајот на 2020 години. Она што имале прилика преку медиумите да го слушнат, посочи Ампева, е дека петиот сет мерки нема да биде во толкав обем и во него нема да биде вклучена мерката за субвенционирање на плати, туку наместо неа ќе има бескаматни кредити.
„Тоа на секторот нема да му се допадне. Ова е момент кога требаше да има субвенционирање на плати, особено во текстилот, угостителството… Поради тоа сметаме дека ќе има раст на бројот на отпуштени во приватниот сектор, особено во текстилната индустрија, поради фактот дека пазарите каде што завршуваат македонските производи се затворени (Велика Британија, Германија).
Надоместок во случај на привремена невработеност за сите кои останале без работа, независно од отказот
Како здружение, истакна Ампева, поради се поголемиот број на злоупотреби со спогодбени откази и откази поради кршење на ред и дисциплина, да се овозможи надоместок во случај на привремена невработеност од страна на Агенцијата за вработување и истиот да можат да го искористат сите кои останале без работа, независно од видот на отказот.
Вклучување на експерти во изготувањето на пакет мерките
Посочувајќи дека државата мора да ги вклучи сите експерти кои ќе дадат проекции за наредниот период, а воедно ќе дадат и свое видување на овие мерки, таа нагласи дека социјалните партнери ССМ и ОРМ не се експерти за да единствено тие бидат вклучени во процесот.
„Загрижува фактот што повторно се носат толку важни одлуки зад затворени врати, а на крајот ние сме тие што се на терен, реагираат и намалуваат штети, слушаат секакви судбини, гледаат злоупотреби и осиромашување на македонскиот работник. Оваа криза треба да се надмине со најмали штети. Но ова што се случува последниве две недели на терен, веруваме дека е само затишје пред бура“, вели Ампева.
Предупредува дека ако се продолжи со праксата да се носат мерки без експерти и широката јавност, државата ќе се соочи со невидени штети, поголеми од минатата година.
Бобан Илијевски

