Занимливости

Бараат луѓе за истражувачки проект од 100 дена: Плата 23.000 евра и шест строги услови

Германскиот воздухопловен центар (DLR) бара шест волонтери кои ќе бидат затворени во истражувачки објект 100 дена, во рамки на студијата „SOLIS100“. Целта е да се симулираат условите на долготрајна изолација и ограничен простор во вселената, со цел подобра подготовка за идни мисии на Месечината и Марс. Проектот се спроведува во соработка со Европската вселенска агенција (ESA), а надоместокот изнесува 23.000 евра, пишува списанието Fenix.

Живот како во вселенска станица

Учесниците ќе живеат како астронаути: затворени во простор кој наликува на вселенска станица и под постојан 24-часовен видео надзор. Исклучок се само кабините за спиење и тоалетите. Дневниот распоред ќе вклучува тимска работа, научни задачи и симулации на оперативни предизвици, слични на оние во вистинските вселенски мисии.

Кој може да се пријави?

Се бараат кандидати што е можно послични на реални астронаути. Условите се строги:

  • возраст помеѓу 25 и 55 години
  • целосна физичка здравствена состојба
  • одлично познавање на англиски јазик
  • завршени најмалку основни студии, по можност медицина, инженерство или сродни науки
  • индекс на телесна маса (BMI) помеѓу 18,5 и 30
  • важечко здравствено осигурување и уверение за неказнето поведение

Како ќе изгледа програмата?

Програмата трае вкупно 126 дена:
две недели подготовка, 100 дена изолација, една недела опоравување и два последователни лекарски прегледи – по 30 дена и најдоцна по шест месеци.

Студијата има важна научна цел: да се истражи како екстремните услови влијаат на човечката психа, здравје и работни способности, со цел идните мисии во вселената да бидат побезбедни и поефикасни.

Тестот е планиран да започне на 6 април 2026 година, а да заврши на 7 август 2026 година. Сите дополнителни информации се достапни на официјалната веб страница на DLR.

Извор: EUpravo zato/Poslovni