Им ги бараат назад макотрпно заработените пари, а се жалат дека нема работна сила
Автор Бобан Илијевски
Самиот податок за тоа дека дел од работодавачите коишто слободно можам да ги наречам газди, бараат работниците да им вратат дел од макотрпно заработената плата, покажува дека некако многу тешко им доаѓа паметот.
Истражувањето на невладината организација „Реактор“ коешто го објавив на порталот Работник, а кое можете да го прочитате тука, потврдува дека во најголем дел ова се случува во приватниот сектор.
Уште еден индикатор за тоа дека на газдите не им доаѓа паметот произлегува од ова истражување коешто посочува дека во 2018 година на 42 % од работниците со ниски примања (минимална плата или пониска од минималната), газдите им побарале дел од платата назад. Во 2021 година, овој процент е намален на 19 %. Тоа значи дека на 12 од 64 работници им биле побарано да ги вратат парите назад. Иако е намален, процентот покажува дека и во 2021 година, бројката на работници кои пријавиле дека газдите им ги побарале парите назад е голема.
И после сето ова, истите овие коишто им ги бараат парите назад на работниците имаат смелост да се пожалат дека немало доволно работници, и тоа квалификувани.
Дами и Господа, газди и газдарици, со ова што го правите нема да привлечете ниту неквалификувани работници, а камо ли пак висококвалификувана работна сила. Самите добро знаете дека тоа е така, но се преправате за да ги сокриете неправдите кои им ги нанесувате на работниците, на сегашните и оние кои работеле за вас. Но, работниците не пијат нафта. Тие го креваат гласот и им пренесуваат на другите како се работи кај вас. Па, ако не ви е јасно зошто имате се помалку заинтересирани кандидати за работните места кои ги нудите, одговорот е: работниците им пренесуваат на останатите за неправдите коишто сте им ги нанеле.
Со овие постапки, газдите не прават штета само на себеси, туку и на оние вистинските работодавачи кои го ценат трудот на работниците и се само колатерална штета во целата ситуација.
За на крај, би сакал да порачам дека јас сум човек кој се залага и работодавачите и работниците да имаат подеднакви обврски и права. Секогаш сум подготвен да ги искритикувам неработниците и газдите, а да ги пофалам работодавачите и работниците.

