(Интервју) Ампева: Работнички остануваат без платено породилно отсуство поради манипулаци од страна на работодавачите
Бобан Илијевски
Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ постојано алармира дека прекршувањата на правата од работен однос во текстилната индустрија се енормни. Од Здружението апелираат и до институциите да преземаат повеќе дејствија околу проблемите на текстилните работници/чки, бидејќи се прават разни манипулации, само за да работодавачите не им исплатат плати и придонеси.
Претседателката на „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева во интервјуто за порталот „Работник“ вели дека неисплаќањето на платите и придонесите е само едно од низата на прекршувања на работничките права коишто се случуваат во текстилната индустрија. Голем проблем е, како што вели, тоа што работничките остануваат без здравствено пензиско осигурување, потенцирајќи дека има работнички кои се на породилно отсуство или се бремени, а остануваат без платено породилно отсуство.
Во продолжение прочитајте го целосното интервју:
Работник: Поголемиот број на вработени во Алкон Текс вчера требаше да се вратат од нивниот придуден одмор. Што е со нивните плати и придонеси од април? Дали се исплатени? Дали продоложија со работа?
Ампева: Да. Според сведочењата на оние кои не сакаа да се потпишат на договори во ново формираната фирма која се наоѓа во истиот објект, тие велат дека се на некој начин, “казнети“ и оставени на принуден одмор. Притоа не им е исплаќана плата согласно решенијата за принуден одмор и се оставени без задолжително социјално осигурување. Нивната голгота трае од април, тие се оставени без егзистенција, без да знаат што ќе се случува со нив, а има и жени кои се на породилно отсуство или бремени и останаа без платено породилно отсуство. Има и такви кои имаат месец, два до пензија. Жени кои својот труд, посветеност и години од животот го поминале во оваа фирма. Денес се појавија пред фирмата но беа спречени да продолжат со работа.
Што е овде проблематично? Ова е избегнување на одговорност, злоупотреба на законите, играње со човечка егзистенција и судбини на десетици фамилии. Да, добар дел од тие вработени беа префрлени во ново формираната фирма, да, тие земаат плата, а имаат и платени придонеси. Но моето искуство кажува дека кога ќе има нова потешкотија во новата фирма, овие кои не се противеа на склучување на договор во, наводно, нова фирма (во склоп на ист објект -чиста манипулација и играње со закони), во одреден момент, ќе се соочат со иста судбина како нивните колеги кои не молчеа и не потпишаа договор во нова фирма и прифатија губење на нивните права од работен однос. Значи, тоа што секој гледа за себе, нема солидарност меѓу работниците, не е никаква предност и сигурност. Напротив. Но овде најчудно е што од април 2021 ( а сега е јуни 2021), нема никаков одговор од институциите, нема никаква разврска, нема никаква одговорност и тие вработени се во една очајна и поразителна ситуација. Секоја чест на државниот инспекторат за труд кој веќе два пати констатираше неправилности и неисплатени придонеси и плати, останатите институции каде што пријавивме како здружение, не најдоа време да ни одговорат нам и на вработените дали најдоа неправилности. Исто, она што Основно јавно обвинителство не ги гледа овие прекршувања како дела од Кривичен законик, е очајно и неправилно. Зошто имаме Кривичен законик и наведени кривични дела против работните односи, ако тие не се применуваат во пракса? Зошто толку им е тешко на институциите да ги бранат работничките права и користат механизми кои ги имаат и закони кои им стојат на располагање? Олигарсите се бели мечки очигледно, заштитени со закон, а работниците се колатерална штета. За три дена ќе се заборави. Ќе биде случајот експониран 3 дена во медиумите и толку. И потоа ќе се прашуваме зошто си заминуваат и млади и стари, зошто имаме разочарани граѓани, зошто немаме доверба во институциите, зошто пристапот до правда на обичниот човек, работник, жена работничка, е научна фантастика. А тоа е жално, срамно и очајно за една земја која говори за развој, реформи и пристап кон Европската Унија. Еве барам одговор. Која европска земја ќе дозволи 3 неисплатени плати, 5 центи плата, неисплатени придонеси, прекршени права од социјално осигурување (а со тоа и штета на државниот буџет) и злоупотреба на народната каса? Нема? Секако! Било која држава, развиена, правна, демократска, колку и да му удоволува на капиталот преку државни политики, нема да дозволи поигрување, злоупотреба со платите на работникот и народниот буџет. Бидејќи секоја сериозна држава ја разбира важноста на работниците од приватниот сектор. Тие се моторот, тие се економијата, тие се најважните. Додека да го разбереме тоа, ќе биде доцна.

Работник: Неодамна 100 работнички беа отпуштени од текстилната фабрика АД „Баргала“ поради кршење на ред и дисциплина. Од друга страна, Вие велите дека реалната причина за отказите се истекувањата на договорите на определено работно време. Зошто според Вас фабриката им дава откази на вработените поради кршење на ред и дисциплина, наместо поради истек на договорите на определено време? Како го толкувате ова?
Ампева: Голем дел од тие вработени во Баргала се на договор на неопределено, но има и неколку кои се на определено. Ние укажавме на проблем дека тие кои се на договор од месец, два или три, немаат потпишано анекси за продолжување на договорите и поради тоа нема правно дејство тој отказ поради наводно кршење на ред и дисциплина, туку е едноставно истек на договорите за вработување на определено работно време. Со тоа, тие наместо да приговараат до работодавачот или да се влечат во судски постапки, треба да имаат истек на договор и да се пријават во Агенцијата за вработување за да имаат право на надомест во случај на привремена невработеност. За отказите за наводно кршење на ред и дисциплина, кај вработените со договори на неопределено, како здружение, први поднесовме претставка до Државен трудов инспекторат и дадовме нај веродостоен доказ за да бидат поништени тие откази. Дадовме пресуда од Основен суд Штип каде на ист начин, во слични околности минатата година во септември, беше даден отказ поради кршење на ред и дисциплина на две вработени од истата фирма. Судот ги зема во обѕир сите докази, искази на сведоци и записници од ДИТ и донесе пресуда да биде поништен тој отказ. Ова се откази поради очигледни деловни причини на работодавачот, и тоа е јасно и видливо преку постојаните собири на вработените каде изразуваа незадоволство поради неисплатени плати и придонеси . Тие собири со години наназад се случуваат во кругот на фабриката. Тоа е очигледно поради срамната исплата на плата од 2 денари. Значи не се работи за недисциплина на вработените туку за деловни причини и веројатно лошо менаџирање на компанијата. Затоа сметам дека како здружение дадовме нај релевантен доказ за тие вработени на возраст од над 50 години, да не се докажуваат на суд дека се неработници и недисциплинирани, туку дека им се прекршени нивните права од работен однос, нивното право на социјално осигурување и право на егзистенција. Но знак прашалник е дали некогаш тие вработени ќе ги наплатат нивните побарувања. Искуствата со стечајни постапки низ годините покажуваат дека работниците се најчесто со празни раце.

Работник: Работодавачите велат дека тешки денови ја очекуваат текстилната индустрија на есен бидејќи ќе има масовни отпуштања како и дека први на удар ќе бидат вработените на договорите на определено време. Како „Гласен Текстилец“ гледа на ваквата изјава? Што според Вас треба да се направи за да се избегнат отпуштањата?
Ампева: Исто како и во март 2020 година, ние дадовме прогнози дека текстилната индустрија нема да има проблеми се до септември 2020 година. Дадовме наши препораки и мислења дека парите од државната помош и народниот буџет треба да се искористат за инвестирање и прилагодување на новонастанатата состојба со вирусот, односно, дека државните фондови можат да помогнат во брза преориентација за производство на заштитна опрема против вирусот Ковид 19 и бидеме конкурентни на европскиот пазар. За жал, нашиот народен буџет и државната помош која беше наменета за зачувување на работни места и исплата на минимална плата, беше злоупотребен од добар дел од работодавачите. Исто како и тогаш, нашите прогнози се дека ќе има дополнителна, многу поголема штета во наредниот период поради ново затварање на земјите бидејќи новиот сој на коронавирус ќе направи поголем ужас, глобално. Тоа особено ќе го осетат земјите кои и онака имаат проблем со корупција, низок стандард и недоволна развиеност, како и поради несоодветни мерки за да имаме минимум компликации и штета од оваа криза. Кога можевме да спречиме, ние не направивме рез на лоши политики, туку ја продлабочивме кризата и дозволивме газење на човекови и работнички права и злоупотреба на народниот буџет. За жал, не гледам како сега може да се спречат отпуштања. Ние како земја 3 децении удоволуваме на капиталот. Тоа сега ќе ни се одрази. Особено поради тоа што не смеевме да бидеме меки како држава, институции, кон нешто кое е еднакво на воено профитерство. Злоупотребата на државни пари. Не соодветното и навременото санкционирање, дава слика дека можете да се поигрувате со човечки судбини, со државните институции и буџет, без да преземете одговорност.

