Останато

Коцевски во интервјуто со прашање до МВР: До кога нема да се цени трудот на полицаецот и до кога ќе биде понижуван?

Зголемувањето на платите, неказнивоста на нападите врз полициските службеници, кривичните пријави против високи функционери во МВР. Сите овие актуелни теми беа дел од интервјуто кое го направивме со Претседателот на Синдикатот на полицијата во Македонија, Орце Коцевски.

Работник: Неодамна одржавте прес-конференција на која кажавте дека од МВР барате зголемување на платите за 15 % за полициските службеници. А потоа објавивте и дека имате информации оти барањето сериозно се разгледува. Ние испративме прашање до МВР, но не добивме одговор. Оттаму, што се случи после прес-конференцијата? Дали полицајците ќе го добијат ова зголемување?

Коцевски: Да точно е, пред неколку дена имавме прес конференција каде по не знам кој пат ја запознавме Македонската јавност за тоа колку навистина изнесува основната плата во Министерството за внатрешни работи. На тој прес ја извадивме горката и сурова вистина дека основната плата на Полицаец изнесува 16.333 денари. Плата од 16.300 денари од која очекуваме Полицаецот да не штити од нарушен јавен ред и мир, од откривање на кривични дела и слично. За нас како Синдикат сметаме дека ова е срамно бедно и понижувачко поаѓајќи од фактот што минималната основна плата во Република Македонија е 20.157 денари, а откако за некој месец ќе се качи на 22.500 денари тоа значи дека основната плата на полицаец ќе биде пониска за околу 100 евра од минималната плата во РМ. Јас ќе поставам тука прашање до МВР: До кога нема да се цени трудот на полицаецот и до кога истиот на ваков начин ќе биде понижуван? Од тие причини го поднесовме разумното барање во моментов а тоа е од месец Јануари 2024 година платите во МВР да бидат зголемени минимум за 15% а притоа на ниту еден начин да не се откажеме од нашето барање за едно евро еден бод плата.

Според сознанијата што ги имаме за платата, голема е веројатноста да се потврдат нашите барања, бидејќи единствено ние како Синдикат до МВР имаме поднесено Барање за повисоки плати. И СПМ стои до уверувањето дека од нареден месец вработениот во МВР ќе добие зголемени плати. Иако се‘ уште сме далеку, сметаме дека на ваков начин ќе се дојде до чекор напред кон „задоволна полиција“. За да биде мотивирана треба уште многу напорна работа, желба и искрен труд.

Работник: Зошто според Вас нападите кон вработените во МВР поминуваат неказнето?

Коцевски: Ова прашање не е ново и се провлекува низ годините. Јас тука проблемот го гледам кон незаинтересираноста на МВР како институција на чело со нејзиниот прв човек за решевања на ова прашање. Ако земеме предвид дека во изминативе неколку години внатрешната контрола се претвори во служба за незаконско казнување и суспендирање на неистомисленици и професионалци, раководители кои не застануваат позади вработените секогаш кога над граѓаните има употребено во границите на дозволеното средства за присилба, квалитетот на изготвениот службен материјал и слично, ако сето ова го соберете на куп ќе дојдете до размислување дека денес полицаецот се повеќе и повеќе се плаши да ги преземе оние законски овластувања плашејќи се дека во секој момент иако доказите се на негова страна, ќе дојде некој работник од внатрешната контрола и од било какви побуди против полицаецот поднесе неосновани кривични пријави, го суспендира од работа, одземање на оружје иако често не е ни започната постапка за сторено кривично дело.

Доколку навистина имало волја како што сегашниот Министер во неколку наврати рече „Нападот врз полицаец е напад на државата“ ќе се решеше прашањето за неколку дена со измени во кривичниот законик. Пак ќе повторам тука, мора да стане збор и за збирот од доказите кои се собрани од нападот врз полицијата, изработката на службените материјали затоа што без нивна квалитетна изработка, често ОЈО пријавите ги отфрла без недоволно собрани докази.

Работник: Во изминатиот период пуштивте повеќе кривични пријави за високи функционери во МВР. На што се однесуваа кривичните пријави и кон кои лица во МВР беа упатени?

Коцевски: Претходно како Синдикат испративме стотици барања каде ги инициравме и лоциравме незаконитите постапувања на поедини високи раководители во МВР, но за жал знаеме дека голем дел од тие барања завршуваа во корпа. Ние сме полиција и секако една од основните вредности ни е борба со криминалот и незаконското работење. Да точно е, како Синдикат поднесовме неколку кривични пријави, неколку КП „тешки’ со неколку милиони евра сторена штета од високи раководители во МВР, но до ден денес иако е поминат извесен период немаме информација до каде е постапката во ОЈОГОКК.

Работник: Постојано во Вашите соопштенија и објави пишувате „враќање на професионализмот во полицијата.“ Како според Вас треба да се врати професионализмот?

Коцевски: Паролата „Враќање на професионализмот во полицијата“ е стремеж и желба за секој професионалец во МВР. Поаѓајќи од фактот што во изминатиов период од неколку години МВР стана „прибежиште“ на многу непрофесионален и нестручен кадар, на примање на секој на било која позиција, без никакво работно искуство прво вработување во МВР рипање на неколку работни позиции, незаконски распоредувања надвор од местото на живеење оди така „му било ќеиф“ на некој, незаконски наредби и слично; сето тоа води и водеше кон уништување на етиката и моралот на вработените. Како Синдикат веќе одамна бараме преиспитување на сите незаконитости во МВР и се надеваме дека во некој нареден период ќе ги добиеме. Доколку сакаме „високо мотивирана и професионална полиција“ како што вели Министерот (иако знаеме дека не е искрен во тие намери) потребна е итна реорганизација на МВР, поголема мотивираност на вработените, стекнување на работните навики и со време ќе се врати професионализмот во Полицијата.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk