КРИВИ ИМ СЕ ВРАБОТЕНИТЕ- „НЕ, КОРУПЦИЈАТА ИЗВИРА ОД НИВ“
Денеска во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија се организираше една конференција на една болна тема во нашето општество, а тоа е влијанието на корупцијата и непотизмот врз платите, реформите и врз капацитетите на јавниот сектор, рече Претседателот на КСС Благоја Ралповски на денешната прес-конференција по повод конференцијата.
Зошто се одлучивме на една ваква конференција? Тоа е поради што во изминатите години слушаме дека корупцијата е многу распространета во нашата држава и секогаш во извештаите кога ќе ја обвинат државата, политичарите го вперуваат прстот во работниците. Е сега, ние решивме да бидеме гласни како работници и да кажеме дека не можат да ги спроведат реформите и дека во извештаите пишува дека корупцијата потекнува токму од именуваните и избраните лица, рече Ралповски.
Вработените во јавниот сектор, како што рече, трпат поради корупцијата и непотизмот и се создава еден голем јаз помеѓу вработените и смета дека секогаш кога ќе се споменат или ќе бидат опоменати (институциите) дека треба да се направат реформи во јавниот сектор, тогаш треба да се направат отпуштања и да се менуваат закони.
Не, ние денеска тука дискутиравме, Македонија има добри закони и треба да има само добри лидери, добри политичари и добри предводници на институциите во државата коишто само ќе ги спроведуваат законите. Кога ќе ги спроведеме законите, тогаш ќе видиме што не чини во тие закони. Во овој случај ние како вработени во јавниот сектор се‘ уште немаме доживеано да ги спроведеме законите во целост, истакна Ралповски.

Непотизмот многу лошо влијае врз психо-физичкото здравје на вработените во јавниот сектор. Целата јавност зборува дека имаме непотизам и корупција, но вработените во јавниот сектор не се тие коишто го прават непотизмот и не се тие коишто ја развиваат корупцијата. Вработените во јавниот сектор работат чесно и напорно, а за возврат се малтретирани, бидејќи партиските вработени не доаѓаат на работа, па тие ја вршат нивната работа, посочи Ралповски.
По Ралповски, изјава даде и Универзитетскиот професор по трудово право, Лазар Јовевски.
Корупцијата во јавниот сектор, непотизмот, непрофесионализмот делува девастирачки на повеќе аспекти. Прво, на продуктивноста на сите оние коишто чесно работат и се обесхрабрени и не сакаат да работат. Понтаму, делува демотивирачки за младите луѓе да влегуваат во јавниот сектор и да станат вистински професионалци и дел од јавниот сектор коишто ќе имаат директен однос со своите клиенти, без разлика во која јавна институција ќе се вработат. И трето, самата корупција во јавниот сектор преку вработувањето праќа една силна негативна порака, генерално, во јавноста дека системот не функционира. Ако јавниот систем е корумпиран и преку вработувањата и преку надзорот и контролата, тогаш тоа е силно обесхрабрување за сите оние, не само во јавниот сектор, туку и во стопанството, да не се охрабруваат да преземаат чекори за заштита, рече Проф. Д-р. Лазар Јовевски.
Според него, многу е важно да се детектира од каде извира проблемот на корупција, непотизам и непрофесионализам во јавниот сектор и кои чекори треба да се преземат за превенција, а потоа и санкција на сите оние коишто влегуваат во такви недозволиви дејствија. Ова мора да се направи, затоа што самиот јавен сектор е основна структура на системот на владеење на правото и ако јавниот сектор не почива во неговата работа, вработените, раководителите, министрите, целиот раководен кадар којшто е во јавниот сектор не се базира и не ги почитува принципите на владеење на правото, тоа значи дека државата веќе не функционира. Системот се руши од внатре. Поради ова е многу важно да се разбере дека ако сакаме Македонија да оди напред во какво и да е друго поле, еве на пример во културата, мора фундаментално добро да се постави фунцкионирањето на јавниот сектор, затоа што тоа буквално има повеќе-слоен ефект на сите останати области и нормалното живеење на сите граѓани.

Прашан за тоа како да се справиме со корупцијата и непотизмот, професорот Јовевски рече дека мора да се стави крај на оној систем којшто преферира интегративен или балансиран пристап во однос на вработувањето.
Мора сите ние во јавниот сектор да се охрабриме да почнеме да бараме луѓе коишто се професионалци. За ова се зборува 30 години, но во пракса се изнаоѓаат разни начини како да не се примени. Треба да сакаме да го примениме ова и да вработуваме луѓе, не поради одредена политичка, национална и каква и да била друга припадност, туку да ги вработуваме оние коишто се најдобри според оние критериуми коишто важат и за стопанството. На хартија ние имаме одредени критериуми коишто би требало да ги валоризираат вработувањата и на површина да ги извадат оние коишто се најдобри кандидати, но гледаме дека во пракса тоа не функционира. Така што, има многу злоупотреби. Овој дел мора вистински да профункционира, а за да се случи тоа мора да се изменат одредени закони и да се осилат одредени институции коишто ќе ги вршат надзорот и контролата, како и во делот на санкциите, а тоа е на судовите да им се даде овластување да постапуваат во еден друг капацитет и обем во однос на непрофесионалните вработување и прекршувањата на законите, рече Јовевски.
На прашањето за корупцијата во судовите, Јовевски рече дека ако тие кои треба да го спроведуваат законот, не го прават тоа е голем проблем за целото општество. Според него, и за ова постојат разни решенија. Нема потреба да се измислува ништо ново, рече тој, посочувајќи дека во Албанија имало ветинг на судовите, а може да се направи и ресет. Ако сакаме да ја средиме државата, постојат начини на кои можеме да го направиме тоа. Вистинското прашање е дали сакаме?
На голем дел на креаторите на политики им одговара ситуација каква што е, додаде тој.
Инаку, на дешената конференција се презентираше и истражување кое покажа дека вработените во јавниот сектор, оние коишто се квалитетни и професионални, даваат откази поради актуелната ситуација со корупцијата и непотизмот.
На конференцијата свое учество покрај претседателите на гранските синдикати на КСС, имаа и Претседателот на ЗЕЛС, Орце Георгиевски, дополнителниот заменик Министер за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски, Проект менаџерот на Националниот демократски институт, Проф. Дејвид Сип, Милан Петковски од Здружението за заштита при работа, Претседателот на синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски, како и други засегнати страни.

