Купила карта во еден правец и заминала на Бали: Дејановиќ за Работник откри како е да се биде дигитален номад
Купила карта во еден правец и заминала да стане дигитален номад во Индонезија, конкретно на островот Бали. Станува збор за Стефанија Дејановиќ, која од овој осторов работи за германски стартап и која ексклузивно за порталот Работник ја раскажува својата „номадска“ приказна. Таа во текот на интервјуто зборува за дигиталните номади, објаснува како да се стане дигитален номад, но и споделува нејзини искуства.
Азиските земји се многу поразлични од Европа, Америка и сето тоа што за нас е добро познато. Од култура, традиции, начин на живеење на народот, духовност и сл, вели Дејановиќ во текот на интервјуто.
Работник: Што за Вас претставува поимот дигитален номад?
Дејановиќ: Чичко Гугл ги дефинирал Дигиталните Номади како “луѓе кои го водат својот живот на номадски начин додека се занимаваат со работа од далечина (remote) користејќи дигитална телекомуникациска технологија”.
За мене лично тој поим значи многу повеќе.
Слобода, дисциплина, карактер и константно “растење и зреење” Да се биде дигитален номад значи да се ужива целосната слобода која сами себе си ја даваме. Почнувајќи од тоа во која држава престојуваме, колку долго престојуваме таму, каде сме сместени, па се до тоа кога работиме (доколку имаме флексибилно работно време) и на кој начин го искористуваме слободното време. Но, за слободата да ни носи уживање, цврстиот карактер и дисциплината се неопходни. Имајќи ја целата таа флексибилност, многу лесно може да се “потклекне” на моменталните задоволства, што на долг рок би имале негативно влијание.

Постојаното растење и емоционално зреење се предизвикани од соочувањето со непознатото, поразличното од тоа што сме навикнати, предизвиците со кои се соочуваме и секојдневната “улична школа”. Сето ова за мене претставува излез од таа наша многу посакувана “комфорт зона”. А само така се расте, нели?
Работник: Како да се стане дигитален номад?
Дејановиќ: За да се стане дигитален номад, првично треба да ја имаш желбата за патување и љубопитноста за истражување на нови места или држави во било кој дел од светот. Нешто што е доста важно освен желбата е и мотивот зошто сакаш да го направиш истото. При самите подготовки пред и секако додека го искусуваш овој живот, ќе се соочуваш со различни предизвици и моменти кога ќе сакаш да се откажеш, но потсетувањето на главниот мотив и причина зошто си таму каде што си, ќе ти помогне да не запреш. Еден од поглавните фактори се работната позиција, професијата и компанијата, и дали тие го дозволуваат тоа да не си присутен во канцаларија.
Можам да кажам дека имам среќа да се пронајдам себеси во дизајн и да работам во стартап во ИТ индустрија, што ми ја дава целосната флексибилност која ми е потребна. Друг фактор се финансиите. Ги спомнав првично желбата и мотивот, па финансиите, од една и едноставна причина: Без разлика на месечните приходи на личност која длабоко во себе има силна желба и е решена да ја исполни, нема пречка што може да ѝ застане на патот.
На секоја убава работа во животот, мора да и ја платиме цената. Следуваат две прашања кои треба да си ги поставиме “Каде јас сакам да ги трошам/ инвестирам парите што ги заработувам?”, и “Колку сум спремен да си скратам од моменталните задоволства на Х период, со цел да уживам за пола година/ година од сега.” Така да намалување или прекин на секојдневните задоволства како излегување, кафиња и журки секој викенд, шопинг и сл., со цел заштеда на финансии за во иднина, е нешто што неопходно да се направи. Дали тоа ќе биде пола година или година не е толку важно. Само на овој начин можеме да си докажеме себеси дека имаме цврста желба и карактер за да ја оствариме крајната цел и замисла. И како последно нешто што е потребно за да станеш дигитален номад е пасош, одлука за тоа каде сакаш да одиш и карта во еден правец.
Работник: Со што поточно се бавите како дигитален номад?
Дејановиќ: Моментално работам како дизајнер на корисничко искуство и интерфејс (UX/UI Designer) во германски старт ап. Тоа што работам во ИТ индустрија на софтверски продукт ми отвори големи врати за овој стил на живот што го живеам сега. Самата професија ја дозволува целосната флексибилност што ја имам, со оглед на тоа што немам никаква потреба од контакт во живо со клиенти, стејкхолдери и менаџери.
Работник: Како изгледа еден Ваш работен ден?
Дејановиќ: Со оглед на тоа што Индонезија е 6 часа понапред од временската зона во Европа, генерално работам “2ра смена” поради состаноци со колегите. Така што, работното време ми почнува отприлика од 1 или 2 часот, па се до вечерта. Тоа значи дека целото сабајле го имам за себе. Ранобудник сум, станувам во 6ипол, 7 и утринската рутина ми се состои од истегнување, јога, некои денови трчам рано насабајле, читам книга и пишувам. Откако ќе завршам со сето тоа, ми почнува работниот ден.

Работник: Кои се причините поради кои решивте да ја започнете вашата авантура како дигитален номад токму од островот Бали?
Дејановиќ: Отсекогаш сум била заинтересирана и љубопитна за овој дел од светот поради тоа што генерално Азиските земји се многу поразлични од Европа, Америка и сето тоа што за нас е добро познато. Од култура, традиции, начин на живеење на народот, духовност и сл. Пред 5 години бев во Кина, работев на проект 1 месец и сето тоа што го видов и научив таму, уште толку ми ја разгори желбата за Азија. Веќе 7,8 години сонувам да станам дигитален номад (мнооогу долга приказна), а посериозно почнав да правам планови претходната година кога се вработив во фирмата каде што работам сега, и уште од старт на ум имав две локации: Непал и Бали, Индонезија. Го одбрав островот Бали како почеток затоа што имав план да тргнам во јуни, а тука јуни завршува монсунската сезона на дождови, додека Непал е во најголемите дождови во овој период. Може звучи смешно зошто ова би ми било главен фактор, ама кога сме на два ума, дури и најмалата ситница ќе не натера да донесеме одлука.
Тука е и главниот факт што Бали е место познато по јога и спиритуалност, остров со посебна енергија со што и доаѓа името “Островот на Боговите”, и секако што е “рајот за дигитални номади”.
Работник: Колку време сте на Бали? И кога сме тука, од што зависи тоа колку време еден дигитален номад останува да работи на едно место?
Дејановиќ: На Бали сум околу еден месец и 10 дена.
Имајќи ја целата слобода на светот, колку време остануваме на едно место зависи од тоа колку можеме да се пронајдеме во тој живот и секојдневие што ни се нуди таму. Ова е многу индивидуално и зависи од личноста, карактерот, интересите, желбите, хобијата и сл.

Работник: До кога планирате да останете таму и дали веќе знаете која е вашата следна дестинација?
Дејановиќ: Кога го почнав ова патување немав никакви конкретни планови за иднина. Од ден за ден можат да се сменат желбите и потребите, затоа што престојувањето во друга држава не менува константно. Секој ден учиме нови работи, што ни одговара, што не ни одговара и сл. што води до постојани промени на размислувања, потреби и планови.
Сѐ уште не знам точно да одговорам на ова прашање, иако визата ми трае до средина на Октомври. Имам голема желба за Непал, Тајланд, Виетнам, Малезија, но сеуште сум далеку од донесување на одлука за тоа каде следно.
Работник: Кои земји нудат најдобри понуди за дигиталните номади?
Дејановиќ: Од аспект на финансии и пониски животни трошоци во однос на Европските Земји и Америка, а воедно и доста познати и популарни меѓу дигиталните номади се: Ченг Маи и Бангкок (Chiang Mai, Bangkok) во Тајланд, Бали и Џогџакарта (Bali, Yogyakarta) во Индонезија, Хои Ен (Hoi An) во Виетнам, Катманду во Непал и Пенанг и Куала Лумпур во Малезија.
Во Европа како најпознати дестинации се Лисабон и Порто, Прага, Загреб, Талин, Краков и Будимпешта. Тие нудат се што еден дигитален номад би посакал: Coworking места и стартап хабови, заедници од луѓе со слични интереси и животен стил, ноќен живот…
Фото: Приватна архива/Стефанија Дејановиќ

