Миленијалците се најобразованата генерација… а сепак – најсиромашната
Миленијалците, родени помеѓу 1981 и 1996 година, имаат повеќе универзитетски дипломи отколку која било претходна генерација во историјата. Околу 40% од нив имаат завршено најмалку основни студии. Но, и покрај академските достигнувања, многумина се соочуваат со сурова економска реалност – значително заостануваат зад претходните генерации кога станува збор за создавање богатство и финансиска сигурност.
Според извештајот на Федералните резерви на САД, оваа генерација заработува околу 20% помалку отколку што заравотувале бејби-бумерите кога биле на иста возраст. Во 2013 година, просечниот приход изнесувал 40.581 долари, во споредба со 50.910 долари кои ги заработувале бејби-бумерите во 1989 година.
Овој јаз не е само одраз на стагнација на платите – туку укажува на подлабоки структурни промени во економијата, кои оставиле многумина на финансиските маргини.
Трошоците растат, платите стагнираат
И додека платите со децении стагнираат, трошоците за живот – особено оние за домување, здравствена заштита и грижа за деца – растат вртоглаво. Миленијалците често плаќаат повисоки цени за кирии или хипотеки во урбани центри каде има повеќе работни можности, што дополнително ја отежнува нивната способност да штедат.
Кога ќе се додаде инфлацијата и нестабилниот пазар на труд, многумина едвај врзуваат крај со крај – дури и со постојана работа и високо образование.
Промени на пазарот на трудот
За разлика од бејби-бумерите кои започнуваа кариери во постабилен и синдикално организиран систем, миленијалците пораснаа за време и по финансиската криза од 2008 година. Тогаш исчезнаа бројни работни места, заштеди и вредности на недвижности.
Многумина беа принудени да прифатат послабо платени работни позиции или да работат во гиг-економијата – без долгорочна сигурност и без придобивки како што се здравствено осигурување или пензиски фондови.
Порастот на фриленс и хонорарните работни позиции дополнително ја дестабилизираше нивната финансиска стабилност, дури и за високо образованите.
Од нерамномерна распределба до нови вредности
Бејби-бумерите имаа корист од економскиот бум по Втората светска војна – период во кој доминираа сопственоста на недвижности, пензиските фондови и сигурноста на работните места. Тоа беа привилегии кои миленијалците генерално не ги доживеаја .
Во меѓувреме, нееднаквоста во богатството во САД драстично се зголеми. Денес, миленијалците поседуваат само 5% од вкупното богатство, додека бејби-бумерите на иста возраст поседувале дури 21%.
Миленијалци и редефинирање на успехот
Сo оглед на економските ограничувања, миленијалците сè почесто го преиспитуваат значењето на „успешен живот“. Нивните приоритети се менуваат: менталното здравје, балансот меѓу работата и приватниот живот, можноста за работа од дома и општествениот придонес стануваат поважни од високите плати.
Иако градењето богатство и натаму претставува голем предизвик, миленијалците пишуваат нови правила за тоа што значи исполнет живот во време на финансиски тешкотии.
Извор: BIZLife

