Останато

Немајќи голем избор, работниците во помалите градови се принудени да трпат

Автор: Бобан М. Илијевски

Информациите на дел од организациите кои се бават со заштита и унапредување на работничките права велат дека во најголем дел поплаките доаѓаат од работниците во внатрешноста на Македонија.

Тие најчесто се жалат на мобинг и неисплаќање на прекувремената работа. Од друга страна, во Скопје ситуацијата е поинаква, бидејќи таму сѐ повеќе вработените ја диктираат состојбата на пазарот на труд. Не дека таму нема прекршување на работничките права, има, но работниците имаат поголема флексибилност и поголем избор на работни места.

Со самото тоа што помалите градови не се развиени, работниците имаат мал избор. Оние, кои не сакаат или немаат услови да се преселат или вработат во Скопје или да заминат од државата, се принудени да трпат секакви неправди од страна на газдите, за на своите семејства да им однесат средства за егзистенција.

Работите се менуваат и таму, а младите се двигатели на таа промена. Решени да не прифаќаат да работат под диктат на газдите кои работниците ги гледаат како алатка за правење профит, тие изнаоѓаат начини како да дојдат до работа каде нема никој да ги третира како робови. Работат како фриленсери, креираат блогови, се занимаваат со дигитален маркетинг и слично. Интернетот го користат за да стекнуваат вештини и знаења. Неформално се образуваат.

Сето тоа ги оспособува да бидат конкурентни и во светски рамки. Доволно е само да се отвори на некоја од веб страните на платформите за фриленсери за да се види колкава е бројката на наши млади луѓе кои работат во разни сфери за интернационални клиенти.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk