Рубрика за трудово право: Обврска на обезбедување на безбедни работни услови
РУБРИКА ЗА ТРУДОВО И СОЦИЈАЛНО ПРАВО
Тема: Обврска на обезбедување на безбедни работни услови
Законот за работни односи во себе ги предвидува обврските на работодавачот во однос на заштитата на своите вработени и обезбедување на безбедни работни места.
Работодавачот мора да обезбеди услови за безбедност на животот и здравјето на работниците во согласност со посебните прописи за здравје и безбедност при работа и да ги преземе неопходните мерки со кои се гарантира дека на секој работник му е дадена доволна обука соодветна на посебните карактеристики на работата, водејќи сметка за неговата стручна подготовка и искуство.
Дополнително членот 42 предвидува дека по добивањето известување дека некоја работничка е бремена, во текот на различните фази на бременоста, работодавачот е должен да воведе повеќекратно оценување на ризиците кои можат да влијаат на бремената жена, нејзиното неродено или новородено дете. Дополнително оценување на ризикот се применува и при промена на уловите за работа, опремата или машините.
ПРАВИЛНО е да се смета дека работодавачот треба да воведе мерки за подобрување на здравјето и безбедноста при работа на бремената работничка, работничка која неодамна родила или дои, како и отстранување или намалување на опасноста на ризикот од: – неповратни ефекти, – предизвикување рак, – наследни генетски оштетувања, – предизвикување штети на нероденото дете и – предизвикување штети на исхраната на детето, секако по направени соодветни консултации и согласност на жената- работник, а во зависност од природата, интензитететот и времетраењето на ризикот.
ПОГРЕШНО е да се смета дека доколку не е откриен никаков ризик при проценката работодавачот не е должен да ги информира работниците за потенцијалните ризици.
Информирањето на вработените за можните потенцијални ризици претставува обврска на секој работодавач.
Проф. д-р Лазар Јовевски

