СветСветот на работникот

Словенечката влада воведува задолжителен божиќен бонус за сите вработени, износот е познат

Словенечката влада го потврди законот со кој се воведува задолжителен божиќен бонус за сите вработени во јавниот и приватниот сектор. Вработените треба да го добијат бонусот најдоцна до 18 декември, а износот ќе биде 639 евра, или половина од бруто минималната плата

Според најавата на вицепремиерот Матеј Арчон, божиќниот бонус нема да биде задолжителен само оваа година, туку ќе стане трајна законска обврска. Износот ќе биде половина од бруто минималната плата, или 639 евра, и ќе биде ослободен од данок и од придонеси. Целта, како што вели Арчон, е „вработените да бидат наградени на пофер начин“, пишува Радиотелевизија на Словенија.

Владата, исто така, предвиде два исклучоци за компаниите кои имаат проблеми со ликвидноста. На ваквите компании им е дозволено да го исплаќаат божиќниот бонус со задоцнување до 31 март 2026 година, или во посебни случаи само 160 евра.

„Компаниите што ја користат оваа опција нема да имаат право да исплаќаат дивиденди или бонуси на менаџментот“, објасни Арчон.