Топол бран во Европа: Забрана за работа на отворено, затворени училишта и туристички атракции
Неколку европски земји презедоа итни мерки поради интензивниот топлотен бран што ги зафати овие денови. Во Италија, работата на отворено беше забранета во повеќе региони во текот на најжешките часови во денот, откако синдикатите ја обвинија жештината за смртта на градежен работник кај Болоња.
Во Франција, затворени се околу 1.900 училишта и дел од Ајфеловата кула, поради прегревање на челичната конструкција, додека Шпанија го забележа најтоплиот јуни во својата историја, со просечна температура од 23,6°C, според државната метеоролошка служба AEMET.
Во Барселона, властите истражуваат дали високите температури се причина за смртта на уличен чистач, а Турција се соочува со големи шумски пожари кои доведоа до евакуација на околу 50.000 луѓе во близина на Измир и во провинциите Маниса и Хатај.
Според Европската метеоролошка служба Коперникус, Европа е континентот што се загрева најбрзо, дури двојно побрзо од глобалниот просек. Портпаролката на Светската метеоролошка организација, Клер Нулис, изјави дека ваквите температури обично се појавуваат подоцна во летото, но оваа година тие започнаа порано и траат подолго.
Температурата на Средоземното Море крај шпанскиот брег достигна рекордни 30°C, што е шест степени над сезонскиот просек. Во Англија, јуни беше најтопол од 1884 година.
Во Германија, граѓаните бегаат од жештината во градовите и се собираат на скијачки центри. Во Малага, Црвениот крст постави климатизирани „климатски засолништа“ за населението.
Според податоци на швајцарската осигурителна компанија Swiss Re, екстремните горештини годишно одземаат до 480.000 животи – повеќе од сите жртви од поплави, земјотреси и урагани заедно.
Извор: EUpravo zato / Poslovni

