Останато

Ќе ги зголеми ли „Отворен Балкан“ платите на македонските работници? (Мултимедијална колумна)

Автор: Бобан Илијевски

Морам да признам дека ме изненадува прекумерниот оптимизам на Владата дека преку иницијативата „Отворен Балкан“ ќе се намали дефицитот, односно недостигот на работна сила во Македонија.

Не велам дека тоа не може да се случи, но за да дојде до тоа, пред се, работодавачите во приватниот сектор ќе треба да ги зголемат платите, односно да ги направат поголеми од оние коишто ги исплаќаат компаниите во Србија. А знаејќи дека голем дел од нив сакаат работници за помалку пари, тешко ми е да поверувам дека ќе се случи такво нешто.

Прочитав дека Претседателот на Сојузот на работодавачи на Србија кажа дека од септември очекуваат да им пристигнат 30,000 работници од Македонија и Албанија и мислам дека човекот знае што зборува. Можеби Србија не е Германија, но секако таму платите се поголеми од кај нас и Албанија. Од друга страна, македонската Влада вели „дека не треба се шпекулира со помпезни бројки и квоти за кои не постои аналитичка поткрепа“.

 

Никој не шпекулира, туку напротив знаат што зборуваат. Работодавачите во Србија се свесни за незадоволството кај македонските работници кое со текот на времето се повеќе и повеќе расте, па затоа го велат ова.

Јас искрено се плашам дека ќе дојдеме во ситуација да го изгубиме и оној мал број на квалификувани работници кој го имаме, бидејќи не треба да забораваме дека македонски работници секојдневно заминуваат во државите од Западна Европа, па и САД. Но од друга страна, можеби „Отворен Балкан“ ќе им ги отвори очите на нашите политичари. Можеби ќе увидат дека доколку не го зголемат стандардот, а со тоа и платите дека Македонија ќе биде во загуба. Реално, не знам колку Срби (Албанците можеби ќе дојдат), би дошле да работат кај нас знаејќи ја нашата економска ситуација.

Целово ова писание на површина го вади прашањето: Дали „Отворен Балкан“ ќе направи повеќе да се цени трудот на македонскиот работник? Едвај чекам да го дознам одговорот на ова прашање. Инаку, моето мислење е дека тој процес ќе оди малку потешко. Сепак, да видиме…

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk