Адвокат Димитријевиќ: Исплаќањето на плата до петти во месецот нема да донесе потешкотии, туку поголема ажурност и стабилност
Левица поднесе измена на Законот за работни односи со која платите наместо на 15 во месецот, ќе се исплаќаат на 1-ви, но истите беа отфрлени од владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ.
Што велат правниците во однос на тоа дали може да се исплати платата до петти во месецот?
Работодавачите велат дека тоа не е возможно, бидејќи нема време да се изготват платите. Правниците пак, велат дека сепак може да се воведе оваа мерка и дека нема да создаде потешкотии, туку поголема ажурност и стабилност.
Адвокатот Александар Димитријевиќ за порталот Работник го вели токму ова.
Според него, кај помалите работодавачи поедноставен е систем на пресметка на плата поради помалиот број на вработени, па сметководството го вршат надворешни сметководители кои ги изработуваат декларациите по налог на фирмите. Од друга страна, кај големите компании евиденцијата на работници ја врши секторот за човечки ресурси кој во минатото често се поистоветувал и со правниот сектор.
Димитријевиќ смета дека со измена на ова законско решение добиваат и двете страни и не гледа каде би настанал проблем доколку платите се изработуваат во пократок рок од претходно.
Технички, декларацијата за плата може да се пресмета и да се поднесе до Управата за Јавни Приходи и пред завршување на месецот. Потребна е само агилност на работодавачот да ги усогласи работните саати, додатоците, надоместоците и отсуствата по завршување на месецот. Приговорите на оваа законска измена може да се однесуваат на караткиот рок за пресметка на овие параметри, но како што и укажавме погоре, потребна е поголема агилност на службите за човекови ресурси и во првите три дена од месецот да се изврши евиденција, вели Димитријевиќ.
Сите рентабилни работодавачи, вели тој, особено од приватниот сектор, платата ја даваат веднаш по завршување на месецот, нагласувајќи дека има примери од јавниот сектор во јавните претпријатија каде што платата доцни цел месец или се дава на рати по половина, со што на крајот од годината наместо работникот да земе 12 плати, зема 10 и пол плати.
Стабилноста на општиот платен систем во земјата зависи од платниот ситем на работниците затоа што работниците се најбројни конзументи на производите и услугите, додава Димитријевиќ.
Од Министерството за труд и социјална политика делат слично мислење како и работодавчите, односно дека петти во месецот е краток рок за да можат да се исплатат платите.

