Анкета: Најголем дел од македонските работници би дале отказ поради немање можност за напредување
Една од најголемите причини поради кои работниците ги напуштаат работните места се платите. Сепак анкетата во прилог покажува дека тоа не е единствената.
Сајтот „Вработување.ком“ спроведе анкета поставувајќи го прашањето: Што ви е пресудно да си заминете од компанијата? (а да не е платата).
Најголем број од испитаниците или 34 % рекле дека би заминале од работното место поради немањето можност да напредуваат.
Најчестите одговори се дека колку и да се вложуваш, раководителот тоа не го забележува, нема напредок ниту во позицијата а ниту во платата, па заклучуваат дека давањето отказ е единствениот избор, велат од Вработување.ком за порталот Работник, повикувајќи се на одговорите на испитаниците.
Испитаниците посочиле дека напредувањето е само за блиските на раководителот, а често се споменува и непотизмот, но и непристојните предлози.
Еден од анкетираните истакнал дека нема поента да се остане во компанија која не ги развива твоите капацитети и со тоа не растеш професионално и финансиски.
Втора причина за заминување од работното место, според испитаниците, е лошиот однос со претпоставениот. 29 % од испитаниците кои го навеле ова, низ свои лични примери на мобинг, експлоатација и психичко малтретирање се согласиле со констатацијата дека нема простор да се остане на работа доколку претпоставениот нема добар однос со вработениот.
За 15 % од испитаниците немањето на приватен живот е доволна причина за да си дадат отказ од работа.
Многу често претпоставените користат психологија да ве запознаат приватно за да може потоа деталите да ги употребат во точен момент за време на работата, не знам дали е вака во странство ама кај нас е ова присутно, за мене лично ќе кажам да, е коментарот на еден од испитаниците.
Од Вработување.ком заклучуваат дека 13 % од испитаниците посочиле дека би дале отказ поради пренатрупаност со обврски, додека 9 % поради лошиот однос со колегите.
Секогаш гледам да имам добар однос со колегите, но некои гледаат да те наместат да работиш повеќе (нивна работа), да те искористат, а платени се повеќе од тебе, стои во еден од коментарите.
Одговорите на анкетата се одраз на она што се случува на пазарот на трудот во Македонија. Како што и во неколку наврати претходно пишуваше нашата редакција, толеранцијата кај работниците се намалува, што е и „покренувачот“ поради кој побрзо се решаваат да дадат отказ од работа за разлика од нивните претходници.
Анкетата исто така покажува дека платата не е единствената причина поради која вработените би заминале од работните места, бидејќи како што може да се види, на дел од нив голема улога им игра приватниот живот, но и напредувањето во компанијата во којашто работат.
Фото: CNN
- „Еј мајко му стара, абе овој што ми рече пред петнаест години да го ценам работникот во право бил…“ - 06/06/2025
- ЌЕ СЕ РЕШИ ЛИ НЕКОГАШ ПАРАДОКОСТ? Експертите велат дека потребни се законски интервенции и соодветна евиденција во Агенцијата за вработување - 02/06/2025
- (ВТОР ДЕЛ) ИНТЕРВЈУ – „Брзата и ефикасна правна рамка и инвестирањето се клучни во поттикнувањето на растот на платите во приватниот сектор“ - 29/05/2025