Колумни

Барањето на искуство за почетна работна позиција веќе стана банално

Бараат една до две години искуство за почетни работни позиции. Отприлика оваа реченица ќе ја прочитате во секој втор LinkedIn статус. Кога би имало опција статусите да можат да зборуваат, сигурно низ нивниот глас би проструил бес, бидејќи токму тоа чувство извира од оние кои ги пишуваат.

Чинам дека имам напишано две колумни на оваа тема, но со оглед на тоа дека е актуелна, и ќе продолжи да биде, сметам дека треба уште еднаш да го посочам својот став како некој кој почнал да работи со петмесечно претходно искуство, ако може така да се каже, бидејќи не беше континуирано.

Не знам што си мислат компаниите кога за почетни или за јуниор позиции бараат некој со искуство. А каде да го стекнат? Речиси е невозможно да стане приправник во компанија. Зошто? Погодивте – и за тоа некои компании бараат искуство. Повторно – каде да го стекнат тоа искуство?

Од друга страна се и тие кои сакаат да започнат кариера во друга професија. И тие се соочуваат со истиот проблем, бидејќи не им се зема предвид искуството кое го стекнале во претходната професија, ниту па трансверзалните вештини кои ги поседуваат. Има луѓе кои се подготвени да почнат од јуниор позиции во новата професија иако, како и што реков, веќе имаат можеби десетина години искуство во својот професионален живот.

На крајот, најтешко им е на апсолвентите, кои доправа треба да се вработат. Сепак, се надевам дека вистинските компании ќе ја препознаат нивната желба за придонес кон нивната работа и дека ќе им дадат шанса.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk