„Дали вие имате некое прашање за мене?“ – Како да изреагирате на оваа ситуација на интервју за работа?
Ден Портер, основач и директор на дигиталната спортска медиумска компанија Overtime, многу брзо знае да препознае кандидат кој не е вистински избор за неговиот тим. Неговото клучно прашање, кое веројатно многумина веќе го слушнале, е:
„Дали вие имате некое прашање за мене?“
Одговорот на ова прашање, вели Портер, му открива каков би бил потенцијалниот вработен. „Лошите кандидати ме прашуваат за здравствено осигурување или за тоа како ја основав Overtime, иако веќе постојат стотина подкасти на таа тема,“ изјави тој во подкастот на LinkedIn – This Is Working, емитуван на 18 септември.
„А добрите кандидати велат: ‘Драго ми е што го прашавте тоа,’ и имаат барем дваесет прашања подготвени однапред.“
Бенефициите не се тема за разговор со директорот
Кариерната советничка и професорка на NYU Stern School of Business, како и авторка на три бестселери на New York Times, Сузи Велч, објаснува дека интервјуто за работа е природен момент кога се поставуваат прашања за бенефиции.
„На крајот на денот, луѓето работат од љубов, од желба за развој – но и за да ги платат сметките,“ вели таа. „Игнорирањето на таа реалност, особено во 2025 година, е смешно.“
Сепак, Велч се согласува дека токму директорот (CEO) не е личноста со која треба да се разговара за вакви теми – барем не пред да се добие понуда за работа. „Тие често ни самите не ги знаат деталите за здравствените придобивки, а ако прашате, може да помислат: ‘Еве зошто оваа личност сака да работи овде.’“
Наместо тоа, таа советува кандидатите да го искористат времето со директорот за разговори за пазарот, конкуренцијата и за начини на кои можат да ја направат компанијата подобра, попаметна и посилна.
Какви прашања треба да се постават?
Покрај тоа, Велч препорачува кандидатите да прашуваат и за културата во компанијата и за начинот на кој вработените соработуваат. Но, важно е прашањата да бидат конкретни и прецизни, без „магливи“ фрази или празни корпоративни изрази.
На пример, прашањето „Како менаџерите тука го поддржуваат балансот меѓу работата и приватниот живот?“ звучи добро, но често води кон општи, површни одговори. Наместо тоа, Велч препорачува директно прашање како:
👉 „Каква личност не би требало да работи во оваа компанија?“
Овој тип прашања поттикнува искрени одговори и покажува зрелост и разбирање на организациската култура.
„Паметно искористете го времето на интервјуто,“ додава Велч. „Нема ништо лошо во тоа што ве интересираат бенефициите – само прашајте ги вистинските луѓе во вистинскиот момент.“
Карактерот и интелигенцијата пред биографијата
Што се однесува до таканаречените „зелени знамиња“ кај кандидатите, Портер вели дека повеќе ја цени личноста и интелигенцијата отколку импресивното CV.
„Предност им давам на карактерот и интелигенцијата – не академската, туку способноста да размислуваш за светот,“ вели 59-годишниот Портер, кој има искуство во водење на компанијата за друштвени игри OMGPOP, продадена на Zynga за 180 милиони долари во 2012 година.
„Кога ја водев гејминг-компанијата, им поставував само едно прашање: Кoja ви е омилена игра и зошто?“
Ако кандидатот можел детално да објасни што ја прави таа игра посебна, Портер знаел дека „тој човек ќе биде одличен за работа во гејминг-компанија.“
Извор: BIZLife

