ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

За минималната плата да изнесува 25,000 денари, просечната треба да биде 50,000

Неодамна порталот „Фактор“ објави дека граѓаните сметаат оти минималната плата треба да изнесува 25,000 денари за да може да ги покрие основните трошоци за живот во време кога владее енергетска, но и ценовна криза.

Редакцијата на „Работник“ побара сав од Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров за тоа дали е можно минималната плата да ја достигне оваа сума.

Тој посочи дека согласно Законот за минимална плата, таа се усогласува годишно со растот на трошоците за живот и просечната плата.

Според моменталните статистички податоци, таа во март би се зголемила на износ од околу 19,500 денари. Ваквата минимална плата би била поголема од минималната плата која би се пресметувала според европската директива која минималната плата ја утврдува на износ од 50 % од просечната во државата – вели Димитров.

За да минималната плата достигне 25,000 денари, просечната би требало да биде 50,000 денари, објасни Димитров и додаде дека минималната плата треба да коренспондира со продуктивноста во земјата и доколку тоа не се направи, тогаш се доведува во ситуација кога голем број работници земаат плата блиску до минималната, а не може да се зголемуваат повисоките плати. Ова вели, се случи кај нас.

Затоа европскиот парламент по долги дискусии и истражувања не се осмели да донесе еднаква минимална плата за сите земји членки, туку минималната плата ја утврди како процент од просечната плата за секоја земја различно – наведе Димитров.

Од Министерството за труд и социјална политика се повикаа на фомулата според која расте минималната плата и посочија дека истата ќе овозможи поголем раст од претходно.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk