ПравдаСветот на работникот

Левица: Најголемиот товар од корона кризата го понесоа работниците, додека капиталистите профитираат

Левица: Најголемиот товар - Работник
1.33Kviews

На прашњето на порталот Работник во однос на тоа како Левица, како работничка политичка партија гледа на ситуацијата на работниците во ек на корона кризата, од Левица истакнаа дека во контекст на нивната класна положба во капитализмот единствено гледаат низ призмата на политичката борба за надминување на класните разлики со цел достоинствен и подобар живот на сите.

„Специфично за нивниот статус во контекст на пандемијата, за што многупати истакнавме, е тоа дека работниците се жртви на кризата и дека товарот од истата целосно е оставен на нивните рамења, додека олигарсите, односно богатите не само што не се допрени, туку дури и се обештетуваат со пакет мерките кои ги донесе власта“, велат од Левица.

Посочија дека не се ни малку изненадени што во ек на корона кризата на површина излегуваат сите фалинки на општествата втемелени во експлотацијата на трудот. Велат дека прават на работниците во така концепирано општество се само тенок слој глазура што треба да ги заслепи очите на експлоатираните.

„Сведоци сме како таа глазура се лупи и отпаѓа, и капитализмот во целост си го покажува својот предаторски лик. Работниците се изложени на тортура и неправда повеќе од било кога, но во исто време, тие се свесни за ѕверот спроти себе и поподготвени за борба против него од било кога“, велат од Левица.

Во Република Македонија, од осомостојувањето до денеска, работничките права како и социјалната состојба на самите работници, се во континуирано опаѓање, а пак со појавата на пандемијата и воведувањето на вонредната состојба работничките права практично станаа непостоечки, велат од Левица. Од таму наведоа дека ситуацијата е до тој степен што, Владата предводена од СДСМ им дала одврзани раце на работодавачите слободно да можат да доделуваат откази на своите вработени и како своевидна „награда“ да добиваат државна финансиска помош. Инспекторите, како што велат од Левица, останале само нема алатка на капитализмот и во ситуација каде илјадници работници останаа без своите работни места. Потсетуваат дека ретки се ситуациите каде некој капиталист го добил заслуженото.

На прашањето колку пријави од работници пристигнале до нив од почетокот на корона кризата и од кои сектори се најголемиот дел од нив, од Левица истакнаа дека во екот на кризата буквално биле бомбардирани од поплаки и пријави за кршење на работничките права, но воедно и за загрозување на комплетни животи, како на поединци така и на цели семејства. Покрај ова, имало и наплив на откази за време на вонредната состојба.

„Она што е систематизирано (а има и надвор од тоа) од воведувањето на вонредната состојба па до денес е тоа што до нас стигнаа околу 80 пријави за загрозување на работничките права, односно околу 15,000 луѓе беа опфатени во целиот тој процес. Самите случаи во најголем дел се однесуваа на доделување на откази, неисплаќање на плати и надоместоци, некаде не беа почитувани уредбите со законска сила, а дел беа поврзани со многу посериозни повреди утврдени во Кривичниот Законик“, велат од Левица.

Според нив, дојавите пристигнувале од најразлични сектори, но најголемиот дел биле од приватниот сектор, односно конфекциите, угостителството и индустријата. Имало и случаи каде што нивна помош побарале и вработените во образованието и државната администрација. Посочија дека Правниот и Трудовиот сектор на партијата целосно се фокусирале на обработката на дојавите кои пристигнале, при што, во целиот тој процес, континурано медиумски ги презентирале проблемите на работниците, а воедно биле контактирани и Трудовиот и пазарниот Инспекторат. За оние случаи, за кои сметале дека треба да реагираат надвор од класичните рамки на политичката партија, повеле и судски постапки, како своевиден Омбутсман (Правобранител) на социјално загрозените работници.

Во однос на тоа кој е нивниот став за досегашните економски мерки на Владата за помош на стопанството и работниците, од Левица рекоа дека мерките не им помогнале на работниците туку напротив, донесените мерки ги стимулирале работодавачите да отпуштаат работници, притоа користејќи субвенции од државата.

„На овој начин дефинирната уредба директно е на штета на работниците. Од друга страна, недостасуваат конкретни и ефикасни мерки за поддршка на земјоделците како есенцијална гранка, а исто така беа запоставени и малите семејни бизниси како најпогодени субјекти во овој период. Владата, преку економските мерки само овозможи одржување на статус квото на екстремната класна раслоеност, која патем, за време на кризава, не само што стана поочигледна, туку и значително го отежнува процесот во пребродување на истата. Слободно може да се констатира дека владините мерки единствено овозможија зголемување на капиталот на крупните сопственици и секако банкарските институции. Првите, во овој период се збогатуваат на сметка на работниците, а вторите преку “одложувањето” на кредитите на сметка на обичните граѓани“, истакнаа од Левица.

Како што велат од работничката партија, наспроти овие погубни мерки, Левица предложила низа мерки во заштита на работниците. Една од нив била забраната за отпуштање на работници за време на вонредната состојба. Додадоа дека токму тоа било најмалку што можела да го направи оваа Влада, но, како што велат, таа се одлучила наместо на работниците да ги брани интересите на капиталистите.

Бобан Илијевски