Лувр остана затворен поради протест на вработените: Илјадници туристи чекаа во редици пред музејот
Најпосетуваниот музеј во светот, парискиот Лувр, вчера не ги отвори вратите за посетителите поради ненадеен протест на вработените, при што илјадници туристи чекаа во долги редици пред влезот.
Претставничката на синдикатот на културните работници, Сара Сефијан, изјави дека протестот избувнал спонтано како реакција на сè потешките услови за работа. Вработените се собрале утрината во аудиториумот на музејот за разговор со раководството, главно околу пренатрупаноста и хроничниот недостиг на кадар.
„Службениците во галериите, продавачите на билети и обезбедувањето одбија да ги заземат своите работни места поради неконтролираните гужви и недостигот на персонал“, изјави Сефијан.
На официјалната веб-страница на музејот беше објавено дека Лувр би можел да биде отворен подоцна во текот на денот, но дека протестот го попречува нормалното функционирање. Некои од посетителите, откако долго чекале пред влезот, си заминале разочарани.
Лувр ретко се затвора за посетители – тоа се случувало само за време на Втората светска војна, за време на пандемијата со ковид-19, и при краток штrajк во 2019 година.
Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна го претстави планот за обнова на музејот под името „Нова ренесанса“. Планот вклучува регулирање на екстремните температурни разлики во изложбените сали, подобрување на застарената инфраструктура на влезот, како и создавање на нов, пристапен влез од страната на реката Сена. Во рамки на проектот, се планира и посебна сала за најпознатото уметничко дело во музејот – „Мона Лиза“ од Леонардо да Винчи, со временски ограничени влезници.
Минатата година низ Лувр поминале 8,7 милиони посетители, што е повеќе од двојно над капацитетот кој музејот реално може да го издржи.
Во интерен, протечен допис, директорката на музејот Лоранс де Кар предупреди дека некои делови од зградата не се повеќе водоотпорни, а големите температурни разлики претставуваат ризик и за експонатите и за посетителите. Таа исто така истакна дека капацитетите за тоалети и угостителски услуги се далеку под меѓународните стандарди.
Извор: Kurir.rs/Beta

