Колумни

НАДОМЕСТОК ЗА БАБИТЕ И ДЕДОВЦИТЕ КОИ ЧУВААТ ВНУЦИ И ЧЕТИРИДНЕВНА РАБОТНА НЕДЕЛА ПО ГРЧКИ МОДЕЛ ВО МАКЕДОНИЈА?

Дали и ние по моделот на Шведска и градот Самобор во Хрватска, можеме да воведеме мерка за бабите и дедовците со која ќе добиваат надоместок за чување на внуците? Дали би го прифатиле предлогот на Грција да се воведе четиридневна работна недела, со продолжени смени од 10 часа, наместо стандардните осум?

Надоместок за бабите и дедовците за чување на внуци во Македонија

Градот Самобор уште во април месец оваа година воведе мерка, која предвидува надоместок од 360 евра, за бабите и дедовците кои ги чуваат своите внуци. Правото на овој надомест го остваруваат родители или старатели, но само за деца на возраст од 1 до 4 години кои не се запишани во градинка или не користат дадилка.

Оваа мерка Самобор ја базира на онаа која Шведска, прва во светот, ја воведе во 2024 година, кога донесе закон со кој бабите и дедовците можат да користат платено родителско отсуство додека се грижат за внуците. Родителите таму можат да го пренесат своите отсуство на бабите и дедовците, најмногу до 45, односно 90 дена ако станува збор за самохран родител, во првата година од животот на детето.

Ова ме поттикна да ја отворам дискусијата за тоа дали и ние би можеле да воведеме слична мерка која ќе биде адаптирана на нашите услови. Искрено мислам дека можеме, но прашање е дали сакаме.

Ваквата мерка со сигурност би придонела за поголема стимулација и мотивација бабите и дедовците да ги чуваат внуците, бидејќи нивниот труд би се вреднувал. Тоа значително би им помогнало и на самите родители, особено на оние кои не можат да си дозволат дадилка или пак, не успеале да го запишат детето во градинка.

Јас мислам дека е паметна идеја, што мислите Вие?

Грчкиот предлог – закон одбиен од бугарските работодавачи, каков би бил одговорот на нашите?

Во Бугарија се покрена дебата за воведување на четиридневна работна недела, откако Грција го претстави предлог – законот што би можел да им овозможи на родителите да работат четири дена, но со продолжени смени од по десет часа, наместо стандарадните осум.

Бугарските работодавачите децидно го одбија овој предлог, со образложение дека земјата не е подготвена за четиридневен модел поради намалувањето на работната сила, стареењето на населението, но и недостигот на неопходни нивоа на автоматиација и дигитализација.

Знам дека ќе речете нема што да не интересира какви мислења имаат Бугарите, но ова е многу важно, бидејќи оваа тема би требало да се отвори и кај нас. Па еве, јас ќе ја отворам прв.

Кај нас дел од работодавачите велат дека четиридневната работна недела би можела да се воведе, но не во сите сектори. На пример, не би можела да се воведе во Преработувачката индустрија, поради тоа што машините мораат постојано да работат.

Моето лично мислење е дека треба да се стремиме кон намалување на работните часови. Факт е дека пред да се направи тоа треба да се отвори една јавна дебата и да се види дали моделот во Грција може да се примени и кај нас.

Но, ништо не можеме да направиме сѐ додека не се реши најголемиот проблем – почитување на основните работнички права. Во Македонија се случува илјадници работници да не земат плата.

И покрај тоа, сметам оти е добро да се дискутира за новите трендови. Да се надеваме дека еден ден ќе тргне работава во земјата, бидејќи ни останува само тоа  – да се надеваме.

Што мислите вие за имплементирање на грчкиот модел во Македонија?

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk