Едните работници гласни, другите од страв тивки: 2023 од перспектива на работниците
Колумна на Бобан М. Илијевски
Уште два дена до крајот на 2023 година. Време е да се направи еден сублимат за тоа што се случуваше во полето на работните односи во изминатата година. Генерално, поголемиот дел од случувањата беа во јавниот сектор, каде вработените од повеќе институции протестираа за поголеми плати, враќање на додатоците на плата, нови колективни договори… Во приватниот сектор, недостигот од работна сила и во 2023 беше еден од најголемите проблеми. Можеби оваа година нешто малку се намалија прекршувањата на работничките права, но стандардот на работникот сѐ уште стагнира.
Главниот настан: Општиот колективен договор за јавен сектор
Оваа година во јули месец се потпиша новиот Општ колективен договор за јавен сектор. Потпис на него ставија Владата и Сојузот на синдикатите на Македонија, и покрај тоа што дел од синдикатите беа против негово потпишување. Тие се согласија дека воведувањето на К-15 за првпат после 30 години, за вработените во јавниот сектор е одличен чекор, а ја поздравија и новата методологија за пресметка на платите од 2025 година која предвидува тие да растат согласно просечната плата. Со тоа вработените ќе имаат иста методологија за пресметка на плата како и функционерите. Делумно го поздравија и усогласувањето на платите за 10 %
На денот пред да се потпише Колективниот договор, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија одржа прес-конференција на која ги кажа своите аргументи зошто е против потпишувањето на Колективниот договор.
Каменот на сопнување е многу поголем и се сокрива од јавноста – тоа е последната точка за која не најдовме договор и за која бевме замолени од министрите да не ја кажуваме во јавноста, дека ќе имаме посебен договор. Се обидовме ние како грански синдикати при КСС да изнајдеме заеднички јазик со Владата, но очигледно дека некој тоа го прифаќа“, рече тогаш Претседателот на КСС, Благоја Ралповски
.
Тој тогаш објасни дека спорен е членот 14, став 2, во кој се вели: доколку индексот на трошоците на живот во првите шест месеци во 2024 година надминуваат 3 %, основната бруто плата на вработените во јавниот сектор се зголемува во процентуален износ како разлика помеѓу реализираниот пораст на индексот на трошоците на живот со утврдениот од 3 %.
Тоа значи дека во 2024 година, сите што ја имаат минималната плата согласно законите во јавниот сектор, ќе биде променето во законот, со што минималната плата ќе биде исфрлена. Луѓето треба да знаат дека ќе има покачување сега, а следното ќе биде дури во 2025 година, рече Ралповски на прес – конференцијата.
Уште пострашно, појасни тој, е што проекциите на Владата за трошоците на живот велат дека во 2024 ќе бидат само 2,5 %, со што, според него, дрско се манипулира со јавноста дека усогласувањето на платите ќе биде над 3 %. Ако имаме инфлација од 4 %, усогласувањето ќе биде 1 %.
Неговото објаснување на тоа зошто остро се спротивставуваат на Колективниот договор беше, како што изјави, тоа што вработените во јавниот сектор нема да добијат никакво зголемување во 2024 година. Според нивните проекции, просечната плата којашто треба да биде во март, од 6,4 % ќе падне под 4 %, бидејќи нема никакво зголемување во јавниот сектор, а следното ќе биде во 2025 и ќе изнесува од 3 до 4 %.
Ова беа причините поради кои КСС не сакаше да биде потпишан Општиот Колективен договор.
Договорот беше тема којашто се провлекуваше долго време и на која имаше доста дебати помеѓу синдикатите и Владата. До душа, со некои синдикати помалку, со некои повеќе, но тој процес заврши. Кој бил во право, ќе покаже времето, како што покажало и за многу други работи во државава.
Во септември, ССМ откако во јули го потпиша Договорот, најави „жешка есен“ со протести и штрајкови и протести имаше. Дури се споменуваа и барања за зголемување на платите од 30 %, па се до 78 %, колку и што се зголемија платите на функционерите по онаа фамозна одлука на Уставниот суд. Секој којшто би размислил малку повеќе околу ова, би се запрашал зошто овие барања не ги поставија пред да го потпишат Општиот колективен договор.
И протести следуваа
Како што споменав во воведот, оваа година ја одбележаа мноштво на протести, во најголем дел од страна на вработени во јавниот сектор. Последниот протест го одржаа вработените во Министерството за финансии пред Уставниот суд. Прво Министерот за финансии донесе одлука да им ги зголеми платите, за да потоа Уставниот суд донесе одлука со која се замрзна исплатата на надополнувањето на основната плата за 30 % на вработените во Министерството и во другите органи на управата, кои се опфатени со автентично толкување.
Претседателката на Уставниот суд објасни дека со дополнувањето на платите е нарушено владеењето на правото.
Протестираа и вработените во Народниот Правобранител, полицајците, затворските полицајци и здравствените работници. Дел од нив добија покачувања, дел не добија ниту надоместоци ниту покачувања.
Својот револт на улица го искажаа и судските службеници кои побараа зголемување на платите и враќање на додатоците од 35 %.
Севкупно гледано, вработените и синдикатите од јавниот сектор во голема мера ги искористија своите законски средства за изразување на револтот.
Тивкиот (напуштен) приватен сектор
Во приватниот сектор, ситуацијата беше сосема поинаква. Таму вработените и да сакаат да протестираат или штрајкуваат, многу тешко дека тоа ќе може да го направат. Има голем број на газди кои се анти-синдикално настроени, а и има многу работници кои стравуваат да не го загубат работното место ако го кренат гласот или иницираат да се организира протест.
Бизнисите продолжија да кубурат со работна сила и во 2023 година. Затоа и квотите за увоз на работна сила од странство ги зголемија од 5 на 7 илјади. Сепак, и ова, како што рекоа од бизнис секторот, не е доволно.
Последните податоци на Државниот инспекторат за труд кои ги добив пред една недела велат дека оваа година до нив пристигнале 415 претставки за неисплатен регрес за годишен одмор (К-15), а најголемиот дел од нив или 77 на број, биле од вработени во Трговијата на големо и мало. Згора на тоа, пред два дена, Претседателката на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева на Фејсбук напиша дека до нив се стигнати голем број на пријави од страна на работниците за прекршувања на нивните права. И после сето ова, газдите (не вистинските работодавачи) бараат работници. Мислам… нема логика.
Знаете што велат старите – „Еднаш штом се изгориш, следниот пат ќе размислиш двапати“. Можеби не ја погодив поговорката во целост, но знаете што сакам да кажам.
Многу работници веќе се имаат изгорено, па не толку лесно се одлучуваат да работат за секој. Така што, газдите ќе мора да ги сменат своите лоши практики и конечно да започнат да ги почитуваат работничките права во целост. Младите генерации на работници нема да ја толерираат нивната досегашна праса, па ако продолжат вака, уште долго ќе бидат без работна сила. Странците нема да им ги задоволат потребите. Тие нема да дојдат тука за да останат. Ќе гледаат да заминат во држава која ќе им понуди поголеми плати, а во регионот тоа се Хрватска и Словенија, каде што заминуваат и многу наши работници.
И пензионерите го кренаа гласот
Некаде летото, испровоцирани од ниските пензии, пензионерите решија преку протести да го искажат својот револт и да побараат зголемување на истите. Нивните барања, легитимни според експертите, беа пензиите да се зголемат линеарно за по 5,000 денари, а минималната пензија да изнесува 20,000 денари. Владата не ги зеде предвид нивните барања со образложение дека работат на законски решенија со кои ќе се зголемеле пензиите. Неодамна, власта реши да им даде една утешна награда, па ги почасти оние кои земаат пензии од 14 па до 19,000 денари, со 1,500, 2000 и 3,000 денари. 3,000 зедоа оние кои имаат до 14,000 денари пензија, 2,000 оние кои имаат од 14,000 до 16,000, а 1,500 – од 16,000 до 19,000 денари.
И покрај овие мерки, пензионерите кои протестораа изразија повторно незадоволство и рекоа дека остануваат на нивните првобитни барања.
Писаниево стана предолго. Има уште многу работи да се кажат, но мислам дека она најважното го сублимиравме. Да се надеваме дека 2024 година ќе биде многу подобра година за сите. Мене ми останува да ви посакам да ми бидете здрави и живи и исполнети со љубов и среќа, и секако – да имате успешна година.

